Овогодишниот Меѓународен саем за електроника во Лас Вегас доби својот прв херој – смартфонот „Онор Мидрејнџ 6 Икс“, кој за малку пари донесува исклучителни перформанси.
„Онор“ на „Хуавеи“ овој пат им конкурира на најскапите паметни телефони, како „Ајфон 7“, а чини само 240 евра.
Имено, „Онор 6 Икс“ го краси двоен објектив на задната камера, кој му овозможува снимање на одлични фотографии, проследен со широк отвор на блендата од Ф/0,95 до Ф/16.
Секако квалитетот не е идентичен како на „Ајфон“ или на „Хуавеи П9“, но секако ова е прв пат ваквата технологија да стане достапна на тие со поплиток џеб.
„Онор 6 Икс“ е опремен со 5,5-инчен ХД дисплеј, со исклучително чувствителен скенер за отпечаток на прстот, кој е поставен на ергономски совршена позиција на позадината на телефонот, процесор Кирин 655 со четири јадра од 2,1 гигахерци и други четири јадра на 1,7 гигахерци.
РАМ меморијата има големина од 3 гигабајти, а интерната меморија содржи простор од 32 гигабајти со можност за проширување со микроСД картичка на чие место може да се најде и друга СИМ картичка.
Импресивна е и батеријата на смартфонот, која може да трае и до 36 часа при нормално користење на уредот.