Европската комисија одобри пуштање во промет на лекот Палбоциклиб, како иновативна терапија за метастатски рак на дојката во доцна фаза, откако клиничките испитувања покажале дека медикаменто значително го продолжува животот на жените кои се борат со тој најтежок облик на рак на дојка.
Метастатскиот рак на дојка е најтежок стадиум на болеста кога канцерот ќе се прошири на другите органи и како таков е неизлечив, а се развива кај приближно една третина од жените на кои им е дијагностициран ран рак на дојката и кои примале стандардна терапија.
Терапијата со Палбоциклиб сега станува достапна за жените во Европа, па со тоа лекот може да биде пуштен во продажба.
Американската Управа за храна и лекови (ФДА) го одобри лекот, кој го разви фирмата „Фајзер“, уште во февруари 2015 година и во САД досега е применет во лекување на над 18.000 жени со метастатски рак на дојката.
Со оглед на тоа дека векот на преживување на заболените со развиен рак на дојка е од две до четири години, Палбоциклиб претставува голем напредок во лекувањето, бидејќи делува така што повторно воспоставува контрола над клеточниот циклус и го блокира растењето на клетките на туморот, притоа одложувајќи ја прогресијата на болеста.
Клиничките студии покажаа дека новата терапија во комбинација со друга ендокрина терапија, двојно го зголемува векот на преживување, без напредување на болеста кај жени со ХР+/ХЕР2- метастатски рак на дојката.
Ракот на дојката е најчеста причина за смрт меѓу жените во Европа. Годишно се дијагностицираат 464.200 нови случаи, а од нив умираат 131.000 жени. Се работи за втор најскап облик на рак во Европа, чие лекување годишно чини околу 15 милијарди евра.
Раното откривање на оваа болест е од голема важност ака се знае дека при рано дијагностицираниот рак преживуваат 80 отсто од заболените, додека кај метастатскиот карцином преживуваат само 15 до 25 проценти.