Шведската Благајна за социјално осигурување (Ф-каса) бара од лица заболени од канцер да достават лекарска потврда на која ќе биде наведено кога се очекува да настапи смртта.
За да добие надомест за време на боледувањето, Ф-каса од еден маж побарала да испрати потврда на која ќе стои датум кога се очекува дека тој ќе почине.
Уште еден случај доби голем публицитет во медиумите, а станува збор за жена која боледува од леукемија. Таа исто така била принудена да достави таков вид лекарска потврда за да и биде одобрено натамошно платено боледување.
– Таквите податоци се крајно алармантни. Процена на должината на преживување има мошне мала релевантност кога станува збор за тоа дали некој пациент може да работи. Решавачки се, пред се, индивидалната работна способност и доживувањето на ситуацијата од страна на самиот пациент, вели Уве Андерсон, потпретседател на шведскиот Лекарски сојуз.
Спроведувајќи ги мерките на шведската Влада, насочени кон обемни заштеди во областа на болесничките осигурувања, Благајната за социјално осигурување во последните неколку години драстично ги заостри условите за исплатување на надомест во случај на боледување и отсуство од работното место.
Медиумите критички известуваа за низа случаи, доведени до чисто апсурдни ситуации, кога на тешко болни лица, посебно кога станува збор за заболени од канцер, им се ускратува право на платено боледување.
Шведскиот лекарски сојуз соопшти дека не му се познати барањата да се достават лекраски потврди со проценка на очекуваниот датум кога пациентот треба да почине, но едновремено се огради од таквата пракса.