Британската болница „Royal Bromton and Harefield“ е прва болница во Европа чии хирурзи успешно извршиле трансплантација на белодробно крило со користење на специјален апарат кој ја одржува функцијата на дишење на белите дробови надвор од телото на пациентот.
Овој одличен пробив во хирургијата би можел да спаси илјадници животи благодарејќи на новиот апарат, а бројот на успешни хируршки интервенции на годишно ниво би можел да биде двојно поголем, сметаат експертите.
Апаратот е пуштен во функција во болницата „Royal Bromton and Harefield“, која минатата година демонстрираше техника која овозможува одржување во живот на срцето на донаторот.
Како што е познато донираните органи пред операцијата обично се чуваат во специјални садови со мраз, со цел да се спречи нивно оштетување при транспортот. На тој начин може донираниот орган да се зачува надвор од телото на пациентот најмногу до шест часа.
Меѓутоа, новиот метод овозможува зачувување на белите дробови во рок од најмногу 24 часа.
Белите дробови се сместени во подвижна пластична кутија со специјален вентилатор кој го одржува „дишењето“ и пумпа која постојано обезбедува доток на крвта во органот.