Претседателот на Индонезија Јоко Видодо направи невообичаен гест и за Новата 2016 година им подари слобода на 190 птици.
Без вообичаен претседателски протокол, Видодо на слобода пушти ретки тропски видови птици, до тогаш чувани во кафези, наменети за продажба. Птиците ќе уживаат во слободата во големиот Ботанички парк во Богор, во непосредна близина на главниот град Џакарта.
Ова не е прв пат Јоко Видодо да им дарува слобода на птици, но и на други животни. Во февруари лани Видодо ослободи стотина птици што беа чувани како украс во претседателската палата и во летната резиденција во Богор.
Покрај птиците, претседателот на Индонезија од домашни аквариуми и базени пушти во река и над 500 тропски украсни риби. Тој по денешното ослободување на птиците изјави дека ова е негов придонес за зачувување на веќе загрозениот еко – систем во Индонезија.