Над 1.500 учесници на прилепскиот карневал за Прочка

Од:

Со дефилето на маските во центарот на Прилеп, кое го предводеа „Мечкарите“, заштитна маска, почна 15. меѓународен карневал „Прочка 2016“. Над 1.500 учесници во групни маски од Прилеп, од повеќе градови во државата и гости-маски од балканските земји дефилираа пред прилепчани и ги претставија своите оригинални, традиционални, но и современи карневалски маски.

Дефилето го предводеа организаторите на прилепскиот карневал, општина Прилеп, Здружението „Прилепски мечкари“, како и гостите од Европската асоцијација на карневалските градови.

– 15. меѓународен карневал „Прочка“ се одвива во најдобар ред. Ги пречекавме сите гости на карневалот, кои ги има многу, од сите балкански земји и од Италија. Карневалот станува голем туристички бренд, не само на Прилеп, туку и за Македонија. Ова е вековна традиција која се негува, почнувајќи одамна, од познатите и популарни „Мечкари“ кои се заштитна маска на фестивалот. Им ја честитам Прочка на сите и нека проштеваат ако нешто сме згрешиле, изјави градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.

Претседателот на Европската асоцијација на карневалските градови Питер Ван дер Крон му посака долговечност на прилепскиот карневал.

– Му го честитам 15-от јубилеј на прилепскиот карневал. Радосен сум што многу луѓе се тука да не видат. Прилеп е многу значаен карневалски град во Македонија. Карневалот е за да се слави, изјави Ван дер Крон.

Ванчо Георгиев, претседател на Здружението „Прилепски мечкари“ изјави дека во последно време има многу групи мечкари. – Во 15 години имаме повеќе групи мечкари, кои се на сите карневали на Балканот и веќе се препознатливи прилепските мечкари и секаде не очекуваат, рече Георгиев.

На фестивалот со својата традиционална маска, исто мечкари се и гостите од Сардинија, Италија.

– Ние сме карневалска група од Сардинија. Името на маската е: „Мечката и човекот кој ја фаќа“. Доаѓаме од Соргоно, срцето на Сардинија. Маската е стара повеќе од два века. Првпат сме во Прилеп и сакам повторно да дојдеме. Атмосферата е прекрасна. Ве покануваме на Сардинија во февруари и во август. Тогаш секое место, село се карневалски, велат гостите од Сардинија, Италија.

Прилепското здружение „Прочкари“ од Прилеп ја зачувува традицијата и на карневалот е со нова маска. – Годинава нашата нова маска е „Весели тутунари“. Тутунарите ќе се веселат за тутунот, а јас сум шеикот кој треба да го откупам тутунот. Дојдов со куфер полн со пари, изјави Горан Ржаникоски од здружението „Прочкари“.

По дефилето на маските на плоштадот „Методија Андонов -Ченто“, стручно жири ќе ги прогласи и ќе ги награди најдобрите поединечни и групни маски на карневалот „Прочка 2016“. Во 19 часот во галеријата на Домот на култрата „Марко Цепенков“ ќе се одржи ретроспективна изложба на досегашните карневалски изданија и ќе биде промовирана монографија за 15-от јубилеј на прилепскиот карневал. Вечер во хотелот „Липа“ е заедничката забава на маските. Прилепските мечкари утре традиционално ги канат сите карневалски гости на заеднички посен ручек во манастирот „Свети Ѓоргија“.

Првпат вчера се воспостави традиција и се одржа детскиот карневал со преку 300 учесници од училиштата.

Би можело да ве интересира

Над 500 учесници на карневалот во Кавадарци, градот има вински кралица и крал

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Три лица тешко повредени на карневал во Лондон

Горан Наумовски

IQOS караванот ќе ја посети Струмица за време на Струмичкиот карневал

Карневалот во Рио повторно откажан поради пандемијата

Ана Ололовска

Карневалот во Рио де Жанеиро во 2022 година ќе трае 40 дена

Ана Ололовска

Откажан Карневалот во Рио