Поранешниот супермодел Линда Евангелиста откри дека предаторска агенција за манекенки се обидела да ја принуди да се соблече за да се фотографира гола кога била тинејџерка.
Во текот на 90-тите, Линда, која сега има 57 години, позираше за бројни познати списанија како „Вог“, „Космполитан“, „Гламур“, „Ел“, „Мари Клер“ и беше најприсутна на модни ревии на големите брендови како „Шанел“, „Валентино“, „Долче и Габана“, „Ралф Лорен“ и „Џорџо Армани“ во текот на нејзината повеќедецениска кариера.
Сепак, таа неодамна призна дека една агенција во Јапонија се обидела да ја натера да се соблече и да позира гола против нејзина желба на 16-годишна возраст. Ваквото барање го објасниле дека треба да ѝ земат мерки.
„Отидов во агенцијата, таму ми рекоа: соблечи се, ни требаат твоите димензии. Но тие веќе ги имаа моите димензии. Потоа ми рекоа: ќе работиш актови. Тоа беше сè, веднаш истрчав надвор и ѝ се јавив на мајка ми која ми кажа веднаш да одам во амбасадата.Така направив и ме вратија дома“, откри Линда.
Таа проговори за инцидентот во разговор со британски „Вог“ за претстојното септемвриско издание.
Поранешниот супермодел се појави на фотосесија откако минатата година откри дека брутално се изобличи по неуспешна козметичка процедура.