Лекарите открија детали за мажот кој конзумирал најголемо количество екстази во животот. Мажот познат како Господин А за време на својот живот голтнал дури 40 илјади таблетки.
Во периодот кога најмногу ја конзумирал оваа дрога, тој земал по 25 таблетки дневно. Дури и седум години откако престанал да конзумира екстази, овој 37-годишен маж и натаму има проблеми со кратокорочна меморија, пишува „Психосоматски журнал“.
Лекарите од лондонската болница Сент Џорџ наведуваат дека случајот е екстремен, дека ги покажува долгорочните ефекти на екстази, како и дека се работи за најголемата забележана конзумација на екстази за време на животот (претходниот рекорд беше околу две илјади таблетки).
Г. А екстази користел од својата 21. до 30. година од животот. Две години земал пет таблетки секој викенд, за потоа да дојде до просечно три ипол таблетки дневно во следните три години, па се до 25 таблетки дневно. Откако три пати колабирал на забавите, Господин А престанал да зема екстази.
Лекарскиот тим наведува дека историјата на злоупотреба на таблетки кај Г.А е потврдена со медицински белешки.
„Неколку месеци се чувствувал како се уште да е под влијание на Екстази, а претрпе и неколку епизоди со „визија на тунел“. Имаше неколку панични напади, повратна анксиозност, депресија, вкочанетост на мускулите, а мина и низ халуцинации и параноидни идеи“, изјави др. Кристос Коумцидис, водач на лекарскиот тим.
Кога Г. А им се обратил на лекарите во Центарот за зависност, се уште користел канабис, а признал дека претходно користел и бензодиазепин, амфетамини, ЛСД, кокаин и хероин. Во неговото семејство не се забележани ментални болести, ниту психијатриска историја.
По испитувањето, утврдено е дека Г. А има проблеми со нарушување на помнењето, што влијаело на неговото однесување, со оглед на тоа дека одредени активности ги повторувал по неколку пати. Тој има проблеми и со концетрацијата, а заборава на времето или што ставил во корпата во супермаркет. Тој дури не ни знаел дека ги има овие проблеми.
Со редуцирање на употребата на канабисот, неговите халуцинации и параноја исчезнале, паничните напади се намалени, но останале другите симптоми. Пред да почне да конзумира наркотици, Г. А немал никакви здравствени проблеми.
Годподин А на свое барање го напушти лекувањето и повторно почна да користи канабис.