Знаеме дека секое бебе се раѓа со одредена крвна група која е Rh позитивна или негативна. Притоа, Rh е кратенка за Резус фактор, кој се одредува според постоење на една белковина на површината на еритроцитите.
85 отсто луѓе ја имаат таа белковина во Rh позитив, додека 15 отсто ја немаат. Кај жените кои се Rh негативни, а детето им е Rh позитивно (за што постои голема веројатност ако таткото е Rh позитивен), може да дојде до проблеми, т.е. се јавува Rh инкомпатибилност. Кај другите комбинации нема имунореакција ни ризик.
Имено, кај Rh инкомпатибилноста, која се јавува во околу 10 отсто бремености, кај мајките се присутни антитела кои можат да поминат преку постелката, да се поврзат за еритроцитите на фетусот и да го загрозат развојот на неговите црвени крвни клетки, најчесто предизвикувајќи анемија или раст на билирубините.
Некомпатибилноста не е проблем ако не дојде до контакт на мајчинската и крвта на детето
Иако до тоа во текот на бременоста не би требало да дојде, сепак понекогаш доаѓа до крварење па помала количина од крвта на детето стигнува до мајчиниот крвоток што предизвикува создавање на антитела кои можат да влезат во крвотокот на детето и да ги уништуваат неговите крвни зрнца. Поради тоа кај Rh негативните мајки се следи присутноста на антителата во крвта во текот на бременоста. Во случај ако се откријат антитела во мајчината крв, таа ќе биде упатена на амниоцентеза и кордоцентеза, а ако се откријат и знаци на анемија, мајката се подвргнува на имуносупресиска терапија или трансфузија на крв до крајот на бременоста. Такви бремености најчесто завршуваат неколку недели порано, со царски рез.
До контакти на мајчината и крвта на детето најчесто доаѓа во тек на пороѓајот. За бебето тогаш повеќе нема опасност, но мајката може да создаде количина на антитела која ќе биде опасна за идната бременост, поради што секоја Rh негативна мајка која родила Rh позитивно бебе, мора за 72 часа по пороѓајот да прими инекција Анти-Д имуноглобулин која спречува создавање на антитела.