Дизајнерот Давид Ристевски, на јавноста познат како Dreadpen, најавува промоција на новата зимска колекција на 22-ти ноември, четврток, во кафе бар Излет со почеток од 17 часот.
Колекцијата насловена како Los Delincuentes ги спојува едноставноста и уличниот комодитет, зачинети со добро познатите илустрации и креации на Dreadpen.
На промоцијата ќе бидат претставени нови дизајни на дуксери, кошули со внимателно избрани кроеви, зимски капи, како и куп нови дизајни на стикери. Dreadpen најавува долгочасовно уживање во неговите нови дизајни, со сите драги луѓе, пријатели, соработници, познаници и останати. Dj Drama од „Зад Аголот“ и Dj Drazi Drags ќе бидат позади грамофоните да го надополнат настанот.
За својата колекција која повторно го изразува единствениот и автентичен стил на Dreapen, тој ќе каже:
„Инспирацијата од друг простор и време доаѓа во микс од внимателно избрани материјали кои носат потполно уживање. Едноставно, сакам да уживаат сите кои секојдневно ќе ги носат моите дизајни, исто како што и јас си уживам во нив“.
Фотосесијата за оваа колекција Dreadpen повторно ја довери на својот проверен тим: Елена Фиданска зад објективот, Марина Никушева, Јана Атанасова и Анастазија Николовска како модели.