Лажни исцелители на Балканот: Удар по џебот и здравјето

Од:

Ал Џезира Балкан – Сараево

Пред 15 години докторите ми рекоа дека имам автоимуна болест. Пред две години дојдов во фаза да не можам да отворам капак на тегла, не можев да го притиснам клучот во автомобилот за да го отворам, не можев да се свртам во кревет, сите можни зглобови ми беа воспалени, во вилицата, во рамената, на стопалата. Одлучив покрај класичната медицина да ја испробам и алтернативната, вели еден сараевчанец, на кој му е дијагностициран ревматски артритис, болест поради која антителата во организмот ги напаѓаат зглобовите.

– Докторите ми рекоа дека медицината се уште не нашла начин за лекување на таа болест, но дека хормоните кортикостероиди можат да помогнат, воедно предупредувајќи дека тоа баш и не е здраво, бидејќи се уништува и имунитетот, раскажува тој.

Сараевчанецот, чие име е познато на редакцијата, потоа почнал да прима инјекции од овој вештачки хормон, но истовремено се одлучил и помош да побара кај алтернативци.

– Човек доаѓа во очајна состојба. Се обраќав на биоенергетичари, тревкари, луѓе кои велат дека лечат со допир. Иако имам позитивни искуства со нив, за овој мој конкретен случај не видов подобрување, додава сараевчанецот.

Тој продолжува да раскажува дека слушнал оти од Турција во Сараево доаѓа човек за кој луѓето му рекле дека лечи тешки болести и се одлучил да го посети.

– Тој само ме фати за рака и почна да зборува што не е во ред со мене. И потоа ми рече што треба да направам за болеста. На пример, морав да ставам 200 грама мелен рен во када полна со топла вода и да седам во водата еден час, тоа штипе на очи. Потоа да пијам 0,2 литри лимунов сок и 0,2 литри маслиново масло, тоа е стомакот да ви се преврти и уште многу работи… Сепак, тоа се беше скапо и бараше многу време, а јас морав да работа. Така што не ми помогна, додава тој.

Овој маж е само еден од многу граѓани на балканските земји на кои им се дијагностицирани разни болести и кои во очај помош бараат надвор од рамките на класичната медицина.

Лекување и преку Скајп

Сепак, меѓу стандардните методи на алтернативното лекување кои се користат со одобрение на лекар, се појавуваат и духовни исцелители, местачи на коски и разни гатачи, егзорцисти и видовите, на кои луѓето им се обраќаат без оглед на цената на нивните третмани и сеанси. Бројот на тие кои нудат услуги за магично излекување се зголемува, како и нивните реклами во медиумите и на интернет, каде дури нудат и сеанси преку Скајп, гледање во филџан преку интернет и лекување на луѓе само гледајќи во нивна фотографија која ќе ја добијат по меил.

Еден од нив кој преку интернет рекламира дека лекува некои болести со допир, бидејќи поседува специјална моќ и енергија, вели дека во просек му се обраќаат 20 луѓе месечно.

– Едноставно ја имам таа способност и моите клиенти можат тоа да го посведочат. И тие што живеат надвор ми се јавуваат. Ако не им помогнам им ги враќам парите, тврди овој алтернативец, додавајќи дека цените на неговите третмани варираат од тежината на проблемот, но дека главоболка лекува за 20 евра.

Драго Плеќко, еден од најпознатите алтернативци во Хрватска и магистар по хемија, кој води нутриционистичко-терапевтско советувалиште, тврди дека лажни исцелители земаат и над 1.000 евра од луѓе со здравствени проблеми.

– Неодамна се појави афера кога во Запрешиќ кај Загреб еден таков чудотворец за една сеанса на странски државјанин му земал 6.000 евра. Еден тип тука кај нас продаваше капки против рак во шишенца од 20 милилитри, без никакви назнаки, со целосно безвреден состав и за тоа земаше по 9.000 куни (1.180 евра). Само кај тие кои издаваат фискални сметки и имаат фиксни цени нема можност за измама, вели Плеќко.

Методи опасни по живот

Плеќко додава дека во Хрватска со лажна алтернативна медицина и претскажување на иднината се бават од 10 до 20.000 лица.

Според него, граѓаните пред се треба да се држат до класичната медицина која прва мора да утврди дијагнозата и терапијата, а дури потоа да се обратат кај алтернативците, бидејќи во спротивно може да дојде до кобни последици.

– Многу лажни практиканти препишуваат совети од неконтролирани форуми. На пример, популарно е конзумираето на срцевината од семка на праска која содржи витамин Б-17. Но, предозирањето може да биде опасно по живот. Екстремните диети исто така се потенцијално опасни по живот, додава тој.

Плеќко е и член на Хрватското здружение за природна, енергетска и духовна медицина (ХУПЕД), кое го сочинуваат 1.200 терапевти кои се бават со хомеопатија, акупунктура и други алтернативни методи.

Ведран Коруниќ, претседател на ова Здружение вели дека за членството и дозволата за работа постојат одредени критериуими, меѓу другото и одреден стандард на едукација.

Како што вели, дури откако лицата кои работат без дозвола ќе направат штета на клиентот, можат да бидат пријавени за надрилекарство и измама.

Морска краставица за воспаление на синуси

Во соседна Србија постои закон кој забранува таква пракса и кривичен закон кој ги третира надрилекарите и надриаптекарите, вели Душан Милисављевиќ, пратеник во Собранието на Србија и член на Комисијата за здравје и семејство.

– Меѓутоа, многумина не се осудуваат да ги пријават тие лица. Јас на пример како лекар имав контакти со многу пациенти кои имале воспаление на синусите, а тие надрилекари им ставале морска краставица или морска диња во носот, а кај воспаленија на уво им ставале топло масло или лук. Тие шарлатани ги лажат дека можат со тревки да излекуваат рак или леукемија. Тоа се средновековни методи, вели Милосављевиќ.

Според законот, во Србија дозвола од Министерството за здравство за занимавање со алтернативна медицина можат да добијат само здравствени работници. Милисављевиќ наведе дека во Лекарската комора и Министерството за здравство постои секција за алтернативна медицина која е призната од неодамна.

Додава и дека во Собранието барал да се основа посебно тело кое би се бавело со следење на огласите на надрилекарите во медиумите и на интернет. – Едно е слобода на говор, а друго е загрозување на луѓе, додава тој.

Нема точни проценки колку лица кои се бават со лажни методи на лекување делуваат во земјите од регионот, но експертите предупредуваат дека освен што ја користат туѓата мака и болест да се збогатат, тие и сериозно го нарушуваат здравјето на луѓето.

Би можело да ве интересира

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Лидерите на Европската Унија усвоија 18 заклучоци, од кои еден се однесува на роамингот на Балканот

Голема балканска акција за лов на педофили: 39 осомничени, вклучена и Македонија

Анита Петровска Рајковиќ

Плаќаме 33% поскап дизел, а се уште возимe најевтино на Балканот: Кои се цените на горивата во регионот

Орце Костов

Невреме доаѓа во Македонија – Црвен метео аларм на Балкан, поплави, ризик од торнадо, противградни ракети нема да помогнат

Драматично предупредување на словенечки метеоролог: На Балканот стигнува нова суперклеточна бура

Катерина Ѓуровски