Населението на охридското село Куратица оваа година по 20. пат ќе го организира веќе традиционалниот Василичарски карневал под маски.
Организациските активности привршуваат, маските се подготвени, а веќе е објавена и официјалната карневалска програма која предвидува двоедневна забава за локалното население и за гостите, сето во духот на традицијата.
Празнувањето ќе започне на 13 јануари со палење на василичарскиот оган, а потоа е најавена обиколка на василичарската група составена од зетот, невестата и бајачот по домаќинствата на Куратица.
Главната манифестација односно карневалот под маски е предвидено да започне од 19 часот, што ќе кулминира со главното дефиле под маски по што ќе бидат прогласени и победниците односно најинвентивните и најуспешните маски.