Холанѓанецот Стефан Вајкамп (58), кого медиумите го нарекуваат „холандскиот Хитлер“ поради неговата физичка сличност со нацистичкиот лидер Адолф Хитлер, беше осуден во Германија на осум месеци условна казна затвор и парична казна од 3.000 евра за поттикнување омраза и величење на нацизмот.
Вајкамп, кој е наречен и „двојник на Хитлер“, не се појави на судењето пред судот во Минстер, ниту неговиот адвокат Андре Пикер, но судот сепак донесе одлука, објавува Билд.
Обвинителството го обвини за изјавите што ги даде во интервју за време на протестот одржан на 19 јули 2025 година во Минстер, во покраината Северна Рајна-Вестфалија.
Вајкамп рече дека неговата љубов кон Германија се вика Адолф Хитлер, кого го опиша како „неспоредливо светско чудо“, „брилијантен“ и „генијален“.
Судот пресуди дека овие изјави претставуваат кривично дело, бидејќи германскиот закон го казнува јавното одобрување, величење или оправдување на нацистичката диктатура и нејзините злосторства.
Судијката Антонија Буденбојмер објави дека обвинетиот и неговиот адвокат можат да поднесат приговор на одлуката во рок од две недели, по што ќе биде закажано ново судење.
Доколку Вајкамп ја прифати пресудата, таа ќе стане конечна и тој ќе може да ја плати казната од 3.000 евра на рати од по 100 евра.
Вајкамп редовно присуствува на митинзите на германската крајнодесничарска партија.
