Група јужнокорејски медицински научници откриле нов протеин кој предизвикува канцер на бели дробови, јави Јонхап.
Тимот на чело со Ли Чанг-хван од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Улсан“ откри дека протеинот УСЕ1 често се наоѓа во организмот на пациентите кои боледуваат од карцином на бели дробови, а тоа го утврдиле откако ја анализирале нивната ДНК, соопшти јужнокорејското Министерство за наука.
Резултатите од ова откритие можат понатаму да се користат за развој на нови лекови против канцер на бели дробови, се наведува во соопштението.
– Суштината на истражувањето е дека го откривме главниот протеин поврзан со канцерот на бели дробови, истакна Ли.
Протеините од типот УСЕ1 често се прекумерно изразени во случаите на канцер на бели дробови, а мутацијата на тој протеин „му го продолжува животот“, што го забрзува формирањето на тумор, стои во соопштението.
Секоја година повеќе од милион лица умираат како последица од канцер на бели дробови, бидејќи поради недостаток на симптоми тешко се поставува дијагноза на оваа смртоносна болест, наведува Јонхап.