Во организација на Граѓанска асоцијација МОСТ, 11 студенти избрани по пат на јавен конкурс, и ова лето добија уникатната можност еден месец да се чувствуваат како вистински Европејци.
Своите доживувања студентите ги раскажаа низ есеи и ги преточија во фотографии. Фотографиите, минатата вечер беа изложени во кафе книжарницата Децата од нашата улица, каде посетителите можеа да ја видат Европа низ нивните објективи. За најдобрите беа доделени и симболични награди. Во рамките на изложбата беше промовиран и краток филм од почетокот на нивното патување во Берлин.
Горан Стојаноски, еден од студентите кој беа дел од проектот, во својот есеј ќе напише: „Многуте направени слики се мемориска инјекција за сите сеќавања. Сега ги гледам токму нив. Сфаќам дека секоја слика не е само единичен спомен, туку конекција до сеќавањата произведени пред и после чинот на фотографијата….. Европа е културен конгломерат чиј комплетен израз не се рефлектира во мислата на туристот единствено преку набљудување.
Потребно е и доживување, искусување, комуникација и желба за сѐ претходно. Сите ние единаесете на МОСТ тргнавме со токму таа желба и секој стана лично свој сведок на нејзиното исполнување.“
Патувањето на студентите започна во Берлин, каде три дена се дружеа со околу 200 студенти од целиот регион, кои исто така беа дел од проектот. Од тука секој тргна по својот пат. Холандија, Белгија, Луксембург, Франција, Италија, Шпанија, Португалија, Словачка, Швајцарија, Австрија, … Секој имаше можност сам да избере што сака да види и каде сака да ја промовира сопствената земја.
Меѓу останатите студенти се најдоа и Верче Карафилоска, една од најнадежните млади писателки и автор на книгата „Бездомникот со златен часовник“, како и студентскиот правобранител Васка Бојаџи.
Сеќавајќи се на патувањето Верче ќе напише: „И сега, еве сум, вртејќи нова страна знаејќи дека никогаш повеќе нема да идам целосна и дека мојата целовитост ќе продолжи да се намалува со секој чекор, со секое ракување. Но го потопувам моето перо во мастилото наречено живот подготвена да ја раскажам мојата приказна. И сум среќна, навистина длабоко среќна. Сфатив дека нема поубаво чувство од тоа твојата празнина да биде и твоја полнота. Од тоа да се биде дел од ова искуство. Од тоа Европа да е твој дом.“
Дополнителна вредност на проектот е што истиот придонесе за позитивно претставување на Македонија на обичните граѓани на ЕУ. Секој студент дистрибуираше брошури во кои беа претставени значајни знаменитости од Македонија. Ова е осма година по ред како студентите на овој начин придонесуваат за позитивна афирмација на земјата.