Жените можеби имаат помал мозок, но тој е поефикасен од мозокот на мажот, открива ново истражување.
Научниците долго ги интригираше како жените можат да бидат исто толку интелегентни како и мажите иако нивниот мозок е за осум отсто помал.
Во студијата на истражувачите на Универзитетот во Лос Анџелес и Мадрид, чии резултати се објавени во списанието „Intelligence“, се истакнува дека во случајот на жените, големината на мозокот не е битна, бидејќи тој орган кај нив едноставно подобро функционира.
Во текот на истражувањето, научниците извеле серија тестови на интелегенција врз мажи и жени.
Наспроти фактот дека имаат помал мозок, жените биле поуспешни во индуктивното размислување и одделни нумерички тестови. Исто така биле подобри во следењето на променливи ситуации, додека мажите имале подобри резултати на полето на просторната интелегенција.
Истражувачите заклучиле дека женскиот мозок е способен да сработи, па дури и брилијантно да изврши компликувани задачи и тоа со помалку енергија и помалку неврони.
– Жените покажале поголема ефикасност со користење на помал невронски материјал, се истакнува во студијата на американски и шпански научници.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека големината на мозокот не е битна кога се жените во прашање, вели Тревор Робинс, професот по когнитивна неуронаука на Универзитетот Кембриџ.
– Помалиот обем би можел да значи подобро „спакувани“ нервни клетки или меѓусебно поактивно пренесување на сигнал, изјави Робинс.
МИА