Лидерите на американските Интернет гиганти Гугл и Фејсбук изразија загриженост од последиците за слободата на граѓаните, поради информациите дека американското разузнавање има пристап до личните податоци на корисниците на нивните Интернет услуги.
Шефот на Гугл Лери Пејџ соопшти дека Гугл не се вклучил во било каква владина програма која на Агенцијата би и овозможила да „копа“ по компјутерите по личните податоци за корисниците на пребарувачот Гугл, неговиот сервис за електронска пошта Гмејл и видео сервисот ЈуТјуб.
Директорот на Фејсбук Марк Цукерберг исто така ги повика владите да бидат многу потранспарентни во однос на сите програми, кои имаат за цел да ја гарантираат јавната безбедност.
– Тоа е единствениот начин да бидат заштитени граѓанските слободи на сите и да се создаде едно сигурно и слободно долготрајно општество, истакна Цукерберг.
Овие коментари беа дадени по серијата обелоденувања за шпионажа на девет американски Интернет гиганти и американската телекомуникациска компанија „Верајзон“ од страна на Агенцијата за национална безбедност и ФБИ.
Вчера американскиот претседател Барак Обама ја заштити легалноста на програмата за набљудување на активностите на Интернет корисниците, уверувајќи дека само комуникациите на странските Интернет корисници биле следени.
Тајната програма, со кодно име PRISM, е активна од 2007 година и на НСА и дозволува преку свој портал да се логира на серверите на компаниите, за да собира информации за корисниците за кои има „разумни наводи“ да смета дека се странци.
Законот во САД ги штити американските државјани од следење без судска наредба, но лицата надвор од територијата на земјата не располагаат со ваква заштита и може да бидат шпионирани сосема законски.