Македонските гејмери но и лица од креативни дејности се собираат од денеска напладне на Global Game Jam Македонија, 48-часовен маратон посветен на видео-игрите. Локациите се универзитетот ФОН во Скопје и Новата сала на Советот на Општина Битола.
Пристигањето на учесниците е од 12 часот, додека настанот официјално ќе биде отворен во Скопје во 17 часот, а во Битола е од 19 часот вечерва. Во текот на целото време двете локации ќе бидат отворени и затоплени во текот на целите 48 часа додека трае настанот. Регистрираните посетители имаат комплетен пристап до просториите, дење или ноќе – а посетителите можат слободно да доаѓаат во текот на денот.
Global Game Jam Македонија е 48-часовен маратон, дел од светскиот маратон, кој ќе започне во попладневните часови најпрво во Нов Зеланд (како најисточна земја која учествува во него) и ќе заврши в недела некаде околу 20 часот навечер на западниот брег на Соединетите Американски Држави.
Настанот е наменет за професионалци, студенти, средношколци и ентузијасти од различни сфери за заедно да креираат игри, разменуваат знаење и остваруваат контакти. Со цел да се оствари 48-часовен континуиран престој, за секој учесник, освен простор за работа и интернет пристап, ќе бидат обезбедени храна, пијалоци, простор за рекреација и простор за одмор. За публиката и учесниците ќе бидат организирани предавања и работилници. Најдобрите игри ќе бидат наградени.
На сите учесници кои сакаат да се регистрираат за развивање игри на настанот ќе им се потребни лаптоп или десктоп компјутер кој можат да го донесат на настанот, пополнета и испечатена пријава преземена од глобалниот вебсајт на Global Game Jam – и многу енергија и волја за играње и дружење.
Организатор на настанот во земјава е Македонската асоцијација за развивање игри (Macedonian Game Development Association – MAGDA)