Американската фармацевтска компанија Фајзер (Pfizer) соопшти дека е подготвена да плати 2,85 милијарди долари за дел од правата за иновативно лекување на ракот, кое моментно го развива конкурентската германска копанија Мерк КГаА.
Фајзер прво би и платил 850 милиони долари на германската фирма и подоцна уште две милијарди, доколку поминат добро клиничките испитувања на молекулата MCB0010718C.
Таа молекула му припаѓа на новиот вид антитела под име „анти PD-L1“, кои би биле ефикасни за лекување на различни видови рак. Засега оваа молекула е во првата фаза на испитување.
Фајзер и Мерк КГаА се договориле да ги делат финансиските трошоци за развој на лекот и натамошните евентуални приходи.
Овие две фармацевтски компании следната година ќе соработуваат во 20 амбициозни истражувачки програми со проучување на ефикасноста на новата молекула.
MCB0010718C се испитува за лекување рак на белите дробови и јајниците, а подоцна ќе се тестира за лекување на меланом – рак на кожата.
Фајзер, чие седиште се наоѓа во њујоршкиот кварт Менхетен, е познат по производство на лекови – атровастатин за намалување на холестеролот во крвта, вијагра против импотенција, антибиотикот азитромицин и антивоспалителниот лек целебрекс.
Мерк КГаА или познат како германски Мерк е основан во Дармштат во 1668 година, што ја прави најстара хемиска и фармацевтска компанија во светот.