Вакцината е најисплатлива јавна здравствена превентивна мерка со која се елиминирани или редуцирани на минимум многу заразни болести од кои луѓето умирале во минатите векови. За болестите за кои е најдена, вакцините спречуваат смртен исход или инвалидност и со нив се намалени трошоците за лекување.
Тоа се главни поенти на информативната кампања во рамки на Европската недела на имунизација од 22-ри до 27 април под мото „Спречи, заштити, вакцинирај! Заштити го светот, вакцинирај се!“. Целта е се подигне свеста на родителите зошто е потребно да се вакцинираат нивните деца, особено кога се јавуваат антивакцинални кампањи, што може да го загрозат животот на најмладите и да вратат епидемии кои веќе се искоренети.
Одбележувањето ќе почне в недела кај Школка во Градски парк со културно-забавен настан, на кој родителите ќе се информираат, а на децата преку разновиден промотивен материјал ќе им се прикаже вакцината како нешто од кое не треба да се плашат. Во понеделник ќе има стручен состанок на епидемиолози, кои ќе разговараат за опфатот на вакцинирани и за проблемите што треба да се надминат.
Јованка Костовска, раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита, на прес-конференција рече дека ќе се прави и теренска вакцинација со цел да се откријат што повеќе невакцинирани деца.
Македонија добила позитивна оценка од Светската здравствена организација за сите аспекти на вакцинација. Годишно околу 150.000 деца на различна возраст се вакцинираат во Македонија. Опфатот е во просек околу 95 отсто за сите вакцини, но се уште има поделеност и недоверба на родителите за најновата вакцина против инфекции со хуман папилома вирус (ХПВ) која од 2009 година е задолжителна за девојчиња на 12 години. Минатата година вакцината ја примиле 50 отсто во државата.
Според Костовска, расте интересот и за оваа вакцина и во некои општини, како Берово, Виница, Пехчево, покриеноста е стопроцентна, а само 20 до 25 отсто во Скопје. Додаде дека во изминатите пет години немаат ниту една несакана реакција од примена ХПВ вакцина.
Родителите кои одбиваат вакцинирање на децата се казнуваат со 500 евра, по пријава на инспекцијата, и засега околу 200 случаи се на суд за одбивање различни видови вакцини.
– Но, ништо не сме направиле само со казна, зашто детето ќе остане невакцинирано и ќе создаде група од невакцинирани деца и опасност од епидемии. Треба да ги убедиме да ги вакцинираат своите деца. Не само што ја штити единката, туку вакцината ја штити и заедницата и целиот свет, со создавање на колективниот имунитет. Светската здравствена организација препорачува што повеќе напори за зголемување на опфатот на имунизација, зашто во светот годишно над 10 милиони деца под пет години умираат. Од нив, 1,4 милион деца под 5 години умираат од болести кои можеле да се спречат со вакцинација, рече Костовска.
Околу дваесет вакцини се откриени од 1885, кога Луј Пастер ја пронашол првата вакцина – против беснило. Благодарение на вакцините се елиминирани или редуцирани многу смртоносни болести, како вариола вера, дифтерија, парализа… И во Македонија населението е заштитено од воведувањето на вакцините – првата е против туберкулоза во 1948, во 1951 се воведени против тетанус и дифтерија, во 1960 против голема кашлица.
– Последен случај на дифтерија сме имале во 1976. Од дифтерија заболувале по 400 случаи годишно од кои 25 умирале. Последен случај на парализа бил во 1987, тетанус неонатален во 1993. Пред воведување на вакцината против голема кашлица во 1960 година имало по 3.600 заболени годишно и по 20 умирале, од тетанус имало по 36 заболени, а 17 умирале. Многу заболувања се појавувале, како туберкулоза, од која на времето умирале многу и тоа млади луѓе. Колку случаи сме имале со голема кашлица, тетанус, со морбили во државата. Сега тие се сведени на минимум, додаде Костовска.
Македонија ја одбележува Европската недела на имунизација од нејзиното воведување пред осум години од Светската здравствена организација.