Епидемијата на ХИВ во Европа минатата година достигнала највисоко ниво, односно со овој вирус кој предизвикува СИДА се заразиле речиси 160 илјади луѓе во 53 европски земји, се наведува во извештај на Светската здравствена организација и Европскиот Центар за превенција и контрола на болести.
Во изминатите 10 години стапката на новозаразени со ХИВ се зголемила на 52 отсто што е за 12 проценти повеќе од 2007 година. Источна Европа е најкритична и од овој регион доаѓаат речиси 80 отсто од новите случаи.
– Ова е најголем број случаи забележани во една година. Ако продолжи ваквиот тренд, нема да можеме ни да претпоставиме колкав ќе биде бројот на заразени до 2030 година, изјави Сузана Јакаб, генерална директорка на СЗО за Европа.
Епидемијата на ХИВ вирусот е во пораст во Источна Европа каде се бележи и пораст на наркоманија, а и недостиг на кампањи кои би помогнале населението да се едуцира за ХИВ и СИДА.
Многу пациенти го носат ХИВ вирсот со години пред да сфатат дека се заразени, што ја прави инфекцијата потешка и го зголемува ризикот од пренесување на други. Доколку вирусот се открие порано, толку побргу може да се почне со терапија и да се подобрат шансите за долг и здрав живот.
Во светот моментално живеат 37 милиони луѓе со ХИВ вирусот, а најпогодена е Африка каде луѓето тешко доаѓаат до тестови, терапија и контрацепција.