Пред 60 години, на 25 април 1953 година, Френсис Крик и Џејмс Вотсон првпат во една студија ја опишаа структурата на ДНК (дезоксирибонуклеинска киселина), молекул во форма на двоен хеликс, кој го содржи генетското наследство на животот, односно упатства за развој и правилно функционирање на сите живи организми.
Со својата статија, објавена на едната страничка во британското научно списание „Нејчр“ (Nature), двајцата млади научници (Крик имал 36, а Вотсон само 25 години) направија револуција во светот на биологијата и генетиката.
Во тоа време веќе се знаело за постоењето на ДНК, како и за неговата улога во наследувањето. Со претходните истражувања била утврдена и неговата хемиска природа: собир на нуклеотиди меѓусебно поврзани во долги низи.
Иако ги насетувале деловите од кои ДНК се состои, истражувачите не знаеле што ги поврзува и како се споени – имале составни делови, но не и упатство за монтажа.
Крик и Вотсон први успеале да предложат конкректен тродимензионален модел на ДНК, односно „структурата на двоен хеликс светкан околу истата оска“.
Двајцата истражувачи нивното откритие го засновале врз експериментите на Морис Вилкинс и Розалинда Франклин, кои ги изучувале рендгенските дифракциони обрасци на ДНК нитките.
Заедно со Вилкинс (Розалинда Френклин во меѓувреме починала), Крик и Вотсон во 1962 година ја поделија Нобеловата награда за медицина.
Френсис Крис почина во јули 2004 година, неколку месеци пред Вилкинс. Џејмс Вотсон неодамна го прослави 85-от роденден.