Пред Божик и Нова Година некои луѓе празнуваат, а други токму тогаш најмногу работат.
Британскиот весник „Дејли телеграф“ ги објави десетте најбарани професии за овие празници.
На прво место се наоѓа дизајнер на новогодишни елки, кој е одговорен за големите продавници, компании и за јавните места каде што се украсуваат божиќните дрвца.
На второ место е ди-џеј на божиќните и новогодишните забави, кој треба да знае да ја искомбинира актуелната клубска музика со традиционалните божиќни и новогодишни песни.
Третото место му припаѓа на готвач-експерт за приготвување на мали тостови, колачи, односно сите солени и слатки парчиња, кои се служат на овие празнични забави и коктели.
На четврто место е водачот на впрегнати елени, кои се користат за движењето на санките на Дедо Мраз од скандинавските земји.
Петтото место е резервирано за една потрадиционална професија, од која повеќето луѓе имаат корист по Божик и Нова Година, а тоа е матичниот лекар. Многу често тој токму тогаш е на одмор и не одговара на телефонските повици на пациентите кои претерале со јадење или пиење за време на празниците.
На шесто место се стручните лица за кубење на божиќни и новогодишни мисирки и на сите други перјани животни, кои се наоѓаат на празничната трпеза.
Седмото место е за професијата личен главен готвач, кој ќе ја подготви празничната вечера за Божик и Нова Година за целото семејство.
На осмо место се наоѓа личниот шопинг агент за возрасни луѓе во големите продавници и трговски центри. Во Велика Британија, на пример, со оваа работа можат да се заработат 200 фунти дневно доколку се има желба да им се помогне на возрасните луѓе при нивниот избор на најсоодветните празнични подароци.
Деветото место е за организаторот на божиќни и новогодишни забави, а десетото е на џуџето, кои му понмагаат на Дедо Мраз за подготвување на подароците за време на различни видови забави.
Интересно е што на листата не се наоѓаат професијата на Дедо Мраз или на Снежана, потоа новинарите, кои неуморно ја пренесуваат празничната атмосфера, или пак пожарникарите, кои многу често се повикувани за време на празниците да интервенираат поради пожари предизвикани од пиротехнички средства.