Дваесет и тригодишната Александра Кињова од чешкото место Миловице во близина на Прага, која наскоро треба да ја роди првата петорка во Чешка зачната по природен пат, деновиве е вистинска ѕвезда, јави дописникот на МИА од чешката метропола.
Веста дека наеднаш нивното семејство ќе се зголеми за уште пет члена Кињова ја дознала од лекарите во 21. недела од бременоста.
Сега, младите родители, кои веќе имаат еден син покрај радоста имаат и грижи како ќе обезбедат средства за своето големо семејство.
– Кога го дознав тоа, плачев, тоа беше голема новина за мене, не можев да поверувам, вели идната мајка.
Според актуелните прописи, на Кињова не и следува парична помош од државата освен родителски додаток за само едно дете и негувателка која ќе и помага додека петорката не наполни четири години.
Но, откако сторијата беше објавена во јавноста се јавуваат повеќе граѓани и компании кои сакаат да помогнат, а општината каде живее младата двојка веќе им додели стан од 120 метри квадратни.
Според ултразвукот, засега се знае дека од петте бебиња едно е девојче и две се момчиња, но идните родители за секој случај веќе имаат смислено седум имиња.
Во Чешка последен пат е родена четворка пред 10 години, а од 1950 година четири бебиња заедно се родиле 11 пати.