Здружението на правници Роми остро реагира и ги осудува барањата на Полицискиот синдикат од Битола за поништување на пресудата од Кривичниот суд во Скопје според која нивниот колега Г. П. од Битола е осуден на една година затвор.
„Донесената пресуда на Кривичниот суд во Скопје е врз основа на обезбедени докази во текот на постапка која што траеше една година. Здружение на правници Роми потсетува дека работа и законска обврска на полицијата е да обезбеди заштита на животот на граѓаните, укажување на помош и почитување на основните слободи и права, а не да вршење на кривични дела, прекшоци и полициска бруталност.
Полицијата како дел од Министерството за внатрешни работи и полицаецот како униформирано службено лице врши работи согласно закон и предходно утврдени законски дејствија“, соопштува Здружението на правници Роми.
„Исто така, ЗПР го осудува говорот на омраза и етничкото профилирање од страна некои портали во кои експлицитно се наведува етничката припадност на жртвата Н.Јашаровски.
Етничкото профилирање во медиумите не е исто што и следење и информирање за настаните затоа што ја вклучува намерата за донесување на одлуки врз основа на етничката припадност.
ЗПР јавно повикува на објективно информирање согласно Етичкиот кодекс на новинари без поттикнување на говор на омраза, дискриминација и меѓуетнички тензии“, се наведува во соопштението на Здружението на правници Роми.