Последниот попис на населението во Р. Македонија е одржан 2002 година. Во практиката, пописите на населението се одржуваат на секои десет години, но нашиот последен попис беше неуспешен. Образложението на Владата за прекинатиот попис е дека е спречен обид за фалсификат, а да не заборавиме – Владата е таа која го организираше.
Граѓаните требаше да поверуваат во спин кој, со други зборови, би изгледал вака: „Пописот е прекинат затоа што Владата одлучи да го спречи фалсификатот што самата сакаше да го направи!“ Што ли е тоа што го натера ДПМНЕ да го прекине пописот на населението, а ДУИ да го премолчи сето тоа?
Секоја влада ги креира своите среднорочни и дологорочни политики врз основа на податоците од релевантен попис. Економските политики, образовните политики, социјалните политики, политиките во борбата против невработеноста и многу други политики мора да се базираат врз релевантни бројки за да бидат успешни.
Како Владата креира политики на среден и долг рок без попис?
Според бројките од последниот одржан попис во 2002 година, во Р.Македонија има 2.022.547 жители во 564.296 домаќинства. Последните неколку месеци излегуваат податоци на релевантни светски организации кои укажуваат на масовно иселување на населението од нашата држава во земјите во ЕУ, САД, Канада, Австралија. Според Светската банка, последните десет години Македонија ја напуштиле околу 450.000 граѓани!
Речиси половина милион луѓе ја напуштиле нашата држава! Тоа значи дека во државава живеат околу 1.572.000 жители!!! Според „Еуростат“, дури 230.000 наши граѓани кои се иселиле од Македонија имаат РЕГУЛИРАН престој во други земји! Работни визи, пасоши на други држави, визи за престој и други начини на кои се регулира престојот во друга држава, а сите знаеме колку е тежок тој процес на регулирање престој во држава на ЕУ. Оттука, сосема е логично останатите кои се отселиле во тие земји да живеат „на црно“.
Да беше лесен тој процес на регулирање престој, веројатно сите ќе си заминевме некаде во ЕУ, некаде каде што социјалната помош е поголема од две просечни плати во Р.Македонија, а притоа и храната има исти цени како кај нас. Да биде иронијата поголема, Државниот завод за статистика оперира со бројка според која во Р. Македонија, на 31.12.2011 година имало 2.059.794 жители, или за дури 37.247 жители повеќе од минатиот попис во 2002 година.
Ако се сомневаме во бројката на населението во Македонија, како тогаш да им веруваме на бројките кои покажуваат колкав е бројот на невработените, примателите на социјална помош, општите и регионални статистики и сите други податоци кои произлегуваат од државните институции? Тоатален хаос во бројките на државните институции поради прекинатиот и неуспешен попис.
Зошто ваквиот хаос со бројките би ѝ одговарал на Владата на Груевски?
Имам право да се сомневам дека избирачкиот список и изборните малверзации се мотивот на оваа Влада да не се направи попис на населението, па дозволете да направам една мала „весела“ математика, во која ќе ги прифатиме бројките што остануваат откако ќе се одземат 450.000 луѓе кои, според Светска банка, ја напуштиле Македонија последните десет години: Ние живееме во држава во која бројот на луѓето што живеат во неа изнесува околу 1.572.000 граѓани (450.000 луѓе ја напуштиле државата, од нив 230.000 имаат регулиран престој во друга држава), но избирачкиот список за последните локални избори изнесува 1.743.403 граѓани!
Според тоа, ние на избирачкиот список имавме околу 171.400 повеќе избирачи отколку што има жители во Р. Македонија. Ако на сето ова додадеме дека во Македонија има и малолетници кои немаат право да бидат на избирачкиот список, тогаш станува јасно дека последните локални избори во Р. Македонија беа чиста фарса.
Еве зошто: Да претпоставиме дека малолетниците изнесуваат 25% од вкупното население (тоа е некаков просек). Ако пресметаме 25% од бројката 1.572.000 жители во Р. Македонија, ќе добиеме бројка од 393.000 малолетници. Тоа значи дека право на глас на локалните избори имале околу 1.179.000 гласачи кои се во државата. На последните избори во првиот круг гласале 1.167.768 гласачи или, според нашата бројка, повеќе од 99% од присутното гласачко тело во државата! Тоа е невозможно, затоа што на најмотивирачките избори во светот не излегуваат повеќе од 75% од гласачкото тело. Колку за да имате податок за споредба: на претседателските избори во 2004 година гласале 935.372 гласачи, или 232.396 помалку гласачи отколку на полседните локални избори. Ќе се согласите дека во 2012 година од Македонија се имаат иселено повеќе граѓани отколку во 2004 година. Со поголем број граѓани во 2004 година, на изборите гласаат 232.396 помалку граѓани отколку во 2012 година, кога најверојатно се имаат иселено многу повеќе граѓани. Мотивот за гласање тогаш беше поголем поради војната во 2001 година.
Некој ќе каже дека гласачите кои доаѓаа од Западна Европа да гласаат во Струга и во Кичево, како и оние од Пустец, придонеле за реалниот висок процент на излезност, но всушност мислам дека тука се крие поголемиот дел од евентуалниот фалсификат на последните избори.
Мојот сомнеж се состои во тоа дека гласачите-туристи, околу 2-3000 луѓе, во 20 автобуси и 300 автомобили и комбиња, требало да гласаат низ повеќе градови во Македонија, а не само во Центар, во Ресен и во Кичево. За дел од тие гласачи-туристи има докази (видеа и списоци) дека биле пријавени на адреси по повеќе од 60 луѓе во еден стан во центарот на Скопје, а сето тоа им беше овозможено со издадени биометриски лични карти од страна на МВР. Ако се осмелиле тоа да го прават во Општина Центар, што останува тогаш за руралните средини низ Р.Македонија?!
Дали патот на гласачите-туристи бил Охрид, Струга, Кичево, Гостивар, Тетово, Скопје (Центар, К.Вода, Ѓорче Петров…), Велес, Прилеп, Битола, Ресен? Дали во секој друг град, општина и избирачко место ги чекале други, нови биометриски лични карти? Ако овие гласачи- туристи гласале на повеќе од дваесет избирачки места, тогаш направиле разлика поголема од 60.000 гласови за владеачките партии.
Дека нешто „смрди“ може да видите кога ќе ги споредите локалните избори од 2005 година и овие последните. На тие локални избори, СДСМ победил со освоени 265.128 гласа, ДПМНЕ имале 200.123 гласачи, а ВМРО Народна партија имале 102.367 гласови. На последните избори, коалицијата околу СДСМ (кон која припаѓа и ВМРО Народна) со нешто повеќе од 300.000 гласови има освоено само 4 општини, а коалицијата на ДПМНЕ, со нешто повеќе од 400.000 гласови, освоила повеќе од 50 општини. Сомнежот е во тоа дека гласачите-туристи се носеле на критичните места за власта, за да ја направат предноста и да не дозволат опозицијата да земе минимум 15 општини, што пред изборите го покажуваа сите релевантни анкети.
Дали Владата на Груевски не прави попис на населението за да може полесно да манипулира со бројките и со изборните процеси на парламентарните, локланите и претседателските избори? Дали сомнителните избори се доволен мотив за ДУИ да го премолчи неспроведувањето на пописот?
Џељо Хоџиќ