Зошто се плашат студентите?

Од:

Македонските студенти, пасивни, незаинтересирани и исплашени ја имаат развиено уметноста на молчењето и сервилноста во однос на проблемите со кои секојдневно се соочуваат.

Дали постоечките услови во општеството го научија македонскиот студент дека со наведната глава и молчење ќе има полесен и побрз професионален успех или пак на овој начин се обидуваат само да „преживеат“ односно да ги зачуваат привилегиите, па макар тоа да се и мизерни студенстки соби?

Минатонеделниот пожар во студентскиот дом „Гоце Делчев“, уште еднаш покажа дека студентите, кои во секое демократско општество се моторот и движечка сила на промените, се длабоко навлезени во државните пранги и не ни помислуваат да брануваат или да се бунтуваат, па макар да работи и за нивно лично добро. Обидите на медиумите и на новинарите да дознаат во какви услови живеат студентите и зошто покрај централното греење тие мораат да користат греалки, што беше главната причина за пожарот, останаа безуспешни.

pozar goce

Поголемиот дел од студентите бегаа од камерите, не сакаа да зборуваат за проблемите и за условите во кои живеат. Обесхрабрени и уплашени од последиците, ако јавно и искрено ги кажат нивните проблеми, студентите одбраа да молчат и да наведнат глава. Пасивноста ја оправдуваат со стравот од последици во студирањето, губењето на легло во студентски дом, потенцијалното вработување во државните институции…

Социологот Илија Ацески објаснува дека кај студентското молчење постои еден момент без разлика дали се работи за банален проблем или за проблем со поголема тежина.

pozar gocc

„Тој момент ние го нарекуваме слободен човек/слободна личност. Оваа личност има слободни ставови, не се плаши истите да ги искажува и не се плаши од последиците кои може да ги сноси“, објаснува професорот Ацески.

Оваа слободна личност не може да се препознае кај македонскиот студент, а Ацески потенцира дека студентското (не) движење во интелектуална и псохолошка смисла ги моделизира да не бидат подготвени да функционираат и да се надвор од системот.

„Овој т.н. слободниот студент, кога зборува за своите проблеми и има желба да промени нешто, исто така е свесен дека се носи и со товарот и тежината без разлика кон кого е упатена критиката. Студентите во Македонија се плашат дека не можат да зборуваат, живеат со претпоставки дека некој ги набљудува односно во социопсихолошка смисла ја немаат таа критичка компонента“, анализира Ацески.

Мартин Алексоски од Младински образовен форум објаснува дека се делува во насока на санација на штета, но не и превенција. Тој им забележува на студентските лидери дека на проблемите на студентите не им приоѓаат сериозно.

„Имаме изјави од челниците на Студентскиот парламент на УКИМ (СПУКМ) за собирање прилози за студентите чии соби и лични предмети беа уништени во скорешниот пожар, но СПУКМ се до овој настан не се обиде да го адресира прашањето за состојбата на студентските домови посериозно до надлежните институции, и да продонесе да не се случи овој немил настан“, вели Алексоски.

stiv studentski

Тој оценува дека токму студентите кои живеат во студентските домови се најранливата категорија, која е подложна на притисоци и манипулации.

Според истражувањата кои Младински образовен форум ги спроведуваше изминативе три години, во 2010, 42% од испитаните студенти кои престојуваат во студентски дом, сметале дека над половина од леглата во студентските домови се добиени по нелегален пат, односно дека била вклучена некаква форма на корупција.

Дури 64% од студентите во студентските домови биле запознаени со некој кој користел познанства (популарно наречени врски) за добивање на студентско легло или привилегии, а 34% признале дека и самите користеле познанства. Повеќе од половината, односно 59% од исптаниците посочле дека постои предодредување и доделување на легла на политички партии или студентски организации.

„Затоа не е ни чудно што како најчести иницијатори на корупција студентите ги посочија политичките партии, нивните подмладоци и СПУКМ. Доколку овие индикациии се покажат како точни, тогаш јасно е зошто студентите молчат и се плашат. Едноставно е. Не сакаат да го загубат своето место во студентски дом“, коментираше за А1он Мартин Алексоски.

Во тој контекст професорот Ацески констатира дека високото образование не произведува слободни личности, туку луѓе кои веруваат во авторитети. Особено во ситуација која, како што вели Ацески, ни создава претстава дека некој нас не надгледува, контролира и дека се што ќе направиме ни носи штета. Вина за ваквата ситуација, тој гледа и во недоволно развиеното граѓанско општество, кое дополнително ги прави студентите сервилни.

Претседателот на СПУКМ Кирил Спировски вчера не беше достапен на одговори на прашањето какви мерки и иницијативи преземаат за да се подобрат условите во кои живеат и студираат студентите. Без коментар остана и истражувањето на МОФ за начинот на кој се добиваат студентските легла, каде големо влијание има партиската припадност.

Темјана Поповска

Би можело да ве интересира

МОН: Поради голем интерес до 25 декември може да се аплицира за финансиска поддршка за учениците

Осум важни достигнувања за осум години: Иновации на Бреинстер што го менуваат образованието

Горан Наумовски

Септемвриските плати во основното и средното образование ќе бидат повисоки за 15 oтсто

МОН ветува – ниту еден наставник нема да биде отпуштен, ниту ќе добива помала плата

А1он

Егзодус во Прилеп: 300 деца отпишани од училиште за шест месеци поради селење во странство

Катерина Ѓуровски

Усписите на ученици во средно образование во две пријавувања во јуни

Ана Ололовска