Пишува: Жарко Трајаноски, м-р по човекови права
Фотографија: Избирачко место бр. 2842 на локалните избори во општина Центар, 21.04.2013 | Фото: Метаморфозис
„Зборовите се важни! Новинарот треба да знае со кој термин означува една заедница. Најдобар тест за тоа е прашањето дали таа заедница сака така да биде означена? Доколку терминот е навредлив, тој не смее да се користи независно од аргументите кои вам ви се чинат валидни или вообичаени“. (Прирачник за етиката во новинарството)
Почитувањето на човековото достоинство и на човековите права на сите луѓе, вклучително и на припадниците на маргинализираните групи, е обврска на новинар(к)ите. Новинар(к)ите треба да бидат особено внимателни при употребата на термините за означување на дискриминираните заедници и групи, затоа што eдна од најраширените форми на дискриминација е негативното и омаловажувачкото лингвистичко идентификување. Посебен етички предизвик е употребата на почитувачки термини за луѓето со попреченост, затоа што непочитувачкиот јазик може да предизвика чувство на исклученост.
Употреба на изразите „инвалиди“, „инвалидитет“, „инвалидско“
Во принцип, новинар(к)ите не треба да го користат застарениот термин „инвалид“ (со буквално значење „неправилен“, „неисправен“). Во практика, се поставува етичката дилема: Како да се избегне употребата на термините „инвалиди“, „инвалидитет“ и „инвалидско“, кога истите се составен дел од постоечки закони, институции, здруженија?
Имено, како да се избегне употребата на терминот „инвалиди“ кога се пишува за владината „Управа за прашања на борците и воените инвалиди“ во која има „Одделение за боречка и инвалидска заштита“, кое се грижи за остварување на правата на „Воена инвалиднина“, „Семејна инвалиднина“, „Инвалидски додаток“…? Како да се избегне употребата на терминот „инвалидско“ кога се известува за „Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија“ или пак за Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Законот за инвалидски организации, Законот за вработување на инвалидни лица…? Најпосле, како да се избегне употребата на терминот „инвалиди“ кога истиот термин е содржан во имињата на повеќе здруженија на граѓани?
Како да се разрешат овие етички дилеми? Несомнено, новинар(к)ите немаат право да ги менуваат називите на постоечките закони, институции и здруженија. Но, тие имаат етичка обврска свесно да не создаваат или преработуваат информации кои поттикнуваат на дискриминација и да ги бранат човековите права, достоинството и слободата. Покрај тоа, новинарите имаат и обврска да избегнуваат генерализирање по основ на попреченост. Ако некои здруженија на граѓани сè уште го користат терминот „инвалиди“ за себеозначување, од тоа не следува дека истиот термин треба да се користи за означување на целата дискриминирана група. Ако некои институции и закони сè уште го користат терминот „инвалиди“, тоа би требало да послужи како новинарски повод за покренување на следново прашање: Зошто законите и институциите кои се грижат за правата на граѓаните сè уште користат застарени термини со кои се повредува нивното право на достоинство и почит?
Новинарите треба да ја избегнуваат придавката „инвалидски“ дури и кога станува збор за одомаќени изрази како „инвалидска пензија“, инвалидски дом“, „инвалидска комисија“, „инвалидска количка“. Наместо описот „прикован(а) за инвалидска количка“ или „врзан(а) за инвалидска количка“ се препорачува изразот „луѓе кои користат количка“ или „лица кои употребуваат количка“.
Употреба на изразите „хендикеп“, „лица со посебни потреби“, „лица со попреченост“
Карактеристичен новинарски прилог во кој се среќава употреба на најразлични називи е „Шаренолико законодавство на сметка на лицата со инвалидитет“. Во поднасловот се употребува друг израз „Шаренолико законодавство на сметка на правата на лицата со пречки во развојот“. Во написот се наведува препораката на експертите:
„најдобро е да се избегнува терминот хендикеп и наместо него да се користи лица со попреченост“.
Во следната реченица пак се реферира на „инвалитските организации“ кои пак велат дека:
„терминот хендикеп не треба да се избегнува бидејќи тој укажува од потребата на превземање на поголема политичка акција со која овие лица би се чувствувале послободни и рамноправни со сите останати во земјава“.
Од една страна, употребата на најразлични референци (меѓу кои и „овие лица“), е показател за збунетост кај новинарот. Од друга страна, изборот на изразот „лицата со инвалидитет“ во насловот, го засенува неуспешниот обид да се покрене прашањето за различната употреба на термините во законите.
Препораките за интеракција со луѓе со попреченост сугерираат избегнување на застарените термини „хендикепиран“, „осакатен“ или „ретардиран“. Меѓутоа, во македонските медиуми сè уште се среќаваат наслови кои ги акцентираат токму овие термини: Тексас погуби ментално ретардиран затвореник, Ги тренираат децата да глумат ретардирани, Малите петарди – играчки што осакатуваат деца, Осакатени од морални инвалиди…
Доколку новинарите претпочитаат да користат законски термини, најдобро е да ги користат термините „лица со (ментална и телесна) попреченост“, имајќи предвид дека менталната и телесна попреченост е признаена како дискриминаторска основа во „Законот за спречување и заштита од дискриминација“. Во истиот закон се дефинира што се подразбира под дискриминација на лица со ментална и телесна попреченост, а притоа се вклучени и случаите кога „нема да се преземат мерки за отстранување на ограничувањата, односно прилагодување на инфраструктурата и просторот, користење на јавно достапни ресурси, или учество во јавниот и општествениотживот“.
За жал, проблемот на непристапноста на гласачките места за луѓето во колички не беше покренат од страна на медиумите, иако на истиот проблем укажаа претставниците на меѓународната мисија која ги набљудуваше локалните избори. Ретки беа медиумите кои го актуелизираа проблемот со ускратувањето на правото на глас на луѓето со попреченост во предизборната кампања. Медиумите главно ја игнорираа трибината „И мојот глас се брои“, во организација на „Полио Плус“, која проценува дека:
„гласаат само 1 процент од околу 10-те проценти на лица со хендикеп од вкупниот број на граѓани во Македонија“ (Лицата со хендикеп недоволно информирани за избирачките права).
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).