Како и секоја вечер одам на редовната прошетка со мојот најдобар пријател, знаете кој е, и се движам по редовната тура по булеварот, (кој знае веќе како се вика), и го водам другар ми да му купам питулица наместо торта, му беше роденден вчера бидејки благо не смее да јаде.
Се движиме релаксирано, онака без везе, тој и понатаму бесплатно си лае, јас си ги кажувам куртуазните ДОБРОВЕЧЕР, КАКО СТЕ, не оти ме интересира, кога ме удри еден прекрасен мирис на липа. Се движам така и размислувам, види мајката па мене ми е дозволено да размислувам!
Овој булевар има сменето едно чудо имиња, па сега дури незнам ни како се вика и ми текна на Париз и една прошетка по Елисејските полиња.
Зошто баш на тоа се сетив?! Па се сетив затоа што од како сум се родил, а тоa беше поодамна, тој булевар се викал така, и види мајката, пак така се вика! Еј глупави французи, неинвентивни суштества. Како не ви е досадно едно те исто име за еден булевар?! И нормално, кога малку промозгав, бреј мислење, извикав ЕУРЕКА. Па нормално бе кретени едни, нема да му го сменат бидејки имало и причина.
Кога го правеле во небарокно време таму се наоѓале полиња кој се викале Елисејски и логично му дале на булеварот такво име. А бидејки нашиве евергрин кретени со логиката се скарани не ни помислуваат да му дадат логично име на булеваров во Прилеп.
Од кога сум дојден, првиот пат во Прилеп, липите постоеја, со својот мирис секоја вечер кога одев на корзо ме галеа, чавките ме сереа, а преку ден ми правеа дебела сенка.
И сега како заклучок на сето погоре едно логично прашање до нелогичниве кретени кое гласи: Зошто бе вие скоројевичи недоделкани не го крстите булеварот со име кое логично му припаѓа, БУЛЕВАР НА ЛИПИТЕ, ами го скрнавите со разни имиња без да сте ги прашале нив дали сакаат улици да носат нивни имиња. Бреј што ми стана?! Од рани зори уста не затворив…
Марин Гермов