(ВИДЕО) Жителите на Јака: „Елитната населба“ е целата во кал, во потполн мрак, без јавен превоз

Од:

Седум години по започнувањето на изградбата на населбата Јака, во Илинден, состојбата е непроменета – очајна, а општинската власт не почувствува никаква обврска кон своите жители и не започна со реализација на скоро ниту еден проект од доменот на инфраструктурното уредување, велат жителите на оваа населба. Тие се жалат дека иако проектот бил најавуван како елитна населба, тие живеат во кал, во мрак и без јавен превоз.

Сопствениците на куќи и плацеви велат дека општинската власт воопшто не започнала со инсталација на водоводна мрежа, не е поставен ниту еден метар асфалт, уште многу улици не се ниту истрасирани, а некои од сопствениците не можат ниту да пријдат до своите куќи.

„Немаат поставено ниту една светилка за надворешно осветлување – иако истото редовно го плаќаме, не е означена ниту една улица во населбата иако во истата во моментов живеат околу триесетина семејства а повеќе од стотина други семејства не можат да се вселат во своите вселиви куќи, бидејќи ги немаат основните услови за живот. Во 21. век, населбата Јака, инаку од општинските власти најавувана како проект ‘Елитна населба’, е целата во кал, во потполн мрак, без јавен превоз – без можност за приоѓање на евентуално потребна екипа на брза помош, противпожарно возило, без можности за достава на пошта – генерално со субстандардни услови за домување. Во такви услови живееме ние триесетина семејства, кои немавме поинаков избор освен да се вселиме во нашите куќи, а се надевавме на брзо решавање на овие основни инфраструктурни потреби“, велат жителите.

Тие велат дека ги купиле плацевите во текот на 2012 и 2013 година за изградба на куќи за семејно домување и дека ги реализирале сите финансиски обврски кон општината Илинден. Според нивни неофицијални сознанија, од овој проект општината Илинден инкасирала повеќе од 1.200.000 евра.

Граѓаните велат дека формирале и неофицијален одбор и дека разговарале со градоначалникот и други претставници на општинската власт, но инфраструктурните проблеми и натаму останале нерешени.

„Во последниве неколку месеци од оваа 2019 година, постојано се обидуваме да се состанеме со градоначалникот на општината, но истиот постојано не избегнува. Длабоко сме разочарани, се чувствуваме излажани од страна на општинските власти, не можеме да го сфатиме ваквиот дискриминаторски однос кон нас, нивната непрофесионалност и ароганција кон сопствените граѓани. Ваквиот однос на општинската власт кон нас развива силна разочараност, револт и недоверба не само кон институциите на локално ниво, туку и на државно ниво“, велат сопствениците на куќи и плацеви во Јака.

Тие доставиле и претставка до Народниот правобранител.

Би можело да ве интересира

Вооружен грабеж на банка во Илинден, одземена е голема сума на пари

Александар Тодески

Мигрант пронајден мртов на железничка станица Илинден – починал од струен удар

А1он

(ВИДЕО) Ковачевски: Илинденското востание е врвен аманет

Горан Наумовски

Коцарев: Идентитетството не смее да се доведе во прашање – нам насушно ни треба трет Илинден

СДСМ поднесе Декларација за најголемиот македонски државен празник Илинден

Општина Аеродром: Аеродромци ја испратија 45-та Илинденска коњаница кон Крушево