Сиљановска-Давкова по повод 2 Август – Илинден: Каква Република ќе им оставиме на нашите деца и внуци?

Од:

„Драги сограѓани,

За мене, 2 Август, Илинден, е најсветиот македонски ден, денот на којшто во 1903 година, македонската републиканска идеја се отелотвори во Крушевската Република и денот кога во 1944 година, на АСНОМ, по вековна борба, се реализира правото на македонскиот народ на национална држава, во којашто се гарантираат правата на малцинските заедници.

Во Илинден ја гледам искрата на македонскиот револуционерен оган, што им го осветли патот на партизаните до исконската цел – слободата!

Илинден е персонификација на исконска желба, решеност, стаменост и храброст за соочување и прифаќање на личната жртва како неминовна!

Илинденската епопеја е македонска битова драма.

Низ крвавите страници на тешката историја, испишани со Делчевата мисла, Каревата републиканска визија, Питугулиевата саможртва, Чентовиот трибунски дух и делата на бројни знајни и незнајни јунаци, натопени со реки од солзи, се градеше и обликуваше македонската република.

Илинден нè обврзува да бидеме достојни и одговорни наследници, а не само благодарни потомци на славните предци.

Кој, ако не ние, ќе биде чувар на илинденскиот завет?

Кога, ако не сега, ќе ја оправдаме довербата на илинденците и асномците?

Каква Република ќе им оставиме на нашите сакани деца и внуци?

И денес, почитувани граѓани, без оглед на етничката, верската, политичката, партиската или друга припадност, мора да ја разбудиме илинденската и асномската совест и свест, влегувајќи во неминовна и неодложна борба за нашата заедничка македонска, европска, демократска република, како правна држава заснована врз начелото на поделба на власта и ефективни спреги и кочници меѓу законодавната, извршната и судската власт, одлучна да ги победи насилството, корупцијата и криминалот, со компетентна, етичка и ефикасна администрација, развиено цивилно општество вклучено во процесот на одлучување и објективно новинарство, бескомпромисно во одбраната на општото добро.

Да ја градиме македонската држава како дом на среќни граѓани.

Честит Илинден!“ се вели во честитката на претседателката Гордана Силјановска-Давкова по повод 2 Август – Илинден.

Би можело да ве интересира

Сиљановска-Давкова: Врело стана најдлабока подводна пештера во светот

Горан Наумовски

Сиљановска-Давкова: Време е да се однесуваме кон државата како кон заеднички дом

Катерина Ѓуровски

Дали претседателката Сиљановска-Давкова легитимира организации поврзани со движења против правото на абортус, прашува Мрежата за заштита од дискриминација

Катерина Ѓуровски

Средба на Сиљановска-Давкова со Урсула фон дер Лaјен

Фон дер Лајен в петок доаѓа во Скопје

Катерина Ѓуровски

Сиљановска-Давковa во Салцбург: Проширувањето е тест за стратешкиот капацитет на ЕУ

А1он