Жестоки осуди за Љупчо Златев, поради нападот на Фатиме Фетаи

Од:

По објавата на „Фејсбук“ на новинарот Љупчо Златев за Фатиме Фетаи, има многубројни реакции од медиумските организации, невладини активисти и политичари. Тој напиша дека обвинителката Фатиме Фетаи, по завршувањето на функцијата, ќе се врати во родното Боговиње, каде што нема да може ниту да пие од тага затоа што таму женете што пијат алкохол јадат ќотек.

Од Советот за етика сметаат дека Златев треба да подлежи на одговорност затоа што со изнесениот став ги стигматизира жените по етничка основа. Од таму повикуваат новинарите да не го користат „Фејсбук“ за ширење стереотипи и дискриминација по која било основа.

Марина Тунева, директорка на Советот за етика, за „А1он“ рече дека очекуваат претставка за објавата на Златев, која ќе биде разгледана од комисијата за жалби при Советот.

„Ниту новинарите ниту кое било лице не смее да шири или да учествува во ширење стереотипи, предрасуди и дискриминација по која било основа, а уште помалку тоа да го прави во јавниот простор. Во овој конкретен случај, иако станува збор за објава на социјална мрежа, тоа не го амнестира новинарот од одговорноста. Надлежните институции треба да реагираат соодветно, а професионалните медиуми да учествуваат во разобличувањето на ваквите појави. Новинарите имаат голема улога и одговорност во конфронтирањето на појавата на дискриминација, ширење стереотипи и предрасуди“.

Од Здружението на новинарите велат дека Златев го прекршил Етичкиот кодекс на новинарите и дека со неговата објава поттикнува етничка и полова дискриминација.
Новинарите имаат многу поголема одговорност пред јавноста секогаш кога се обраќаат, било тоа да е преку медиумите или социјалните мрежи. Оттаму, сметаат дека објавата на новинарот Љупчо Златев може да поттикне дискриминација и нетрпеливост врз основа на пол и национална, односно етничка припадност.

„Оваа непримерна комуникација не е во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите, каде што во членот 10 се вели: „Новинарот нема свесно да создава, ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка)“, велат од ЗНМ.

Експертот за комуникации Ира Бабиќ смета дека јавните личности, особено новинарите, треба да внимаваат што објавуваат на социјалните мрежи затоа што ставовите се пренесуваат во јавноста и создаваат слика и мислење во општеството во кое живееме.

„Живееме во време и општество што е деморализирано за чие најлошо издание сведочиме секојдневно преку социјалните медиуми. Секој корисник во овој онлајн-медиумски простор и социјаните мрежи идивидулано игра некаква улога во креирањето на ваквата средина. Оттука произлегува и одговорноста на сите јавни личности, меѓу кои и новинарите, кои како креатори на јавното мислење треба секогаш да дејствуваат етички и професионално не само преку медиумите што ги застапуваат туку и преку своите приватни профили на социјалните медиуми и лично изразените ставови и мислења“.

На објавата на Златев реагира и невладината „Цивил“. „Познатата групација блиска до ВМРО-ДПМНЕ, едноставно, не престанува со лажните вести и говорот на омраза на етничка и родова основа. Нивното дејствување во јавноста ги преминува сите можни граници на пристојноста, на етичките и професионалните стандарди, а често се косат и со законот, иако тоа ретко кој од институциите на правдата успева да го види“, велат од таму.

И пратеничката Ивана Туфегџиќ остро реагира и во својата објава на „Фејсбук“ го повика новинарот Златев на одговорност за ширење говор на омраза, сексизам и шовинизам.

„Наместо да го искористи перото, доколку тоа е навистина така, да објави, да иницира свест, да покаже што навистина се случува, го користи за да омаловажи и понижи. Четврти пат во една недела има изразен говор на омраза, шовинизам, сексизам, сега еве и одобрување физичко насилство против жени на јавни функции. Одговорноста за искажан збор, особено од луѓе чиј збор се шири и се јавни личности, е огромна. Да не зборувам дека ваквите напади на занес, да се биде интересен, да се искаже гнев кон жени, охрабруваат и насилство и говор на омраза во општеството“, вели таа.

Новинарот Љупчо Златев, пак, смета дека со својата објава на „Фесјбук“ не ги повредил жените и не се чувствува прозван за говор на омраза и дискриминација по која било основа.

„Напишаното на мојот фејсбук-профил е мој личен став и нема никаква врска со медиумот што го водам, односно за кој сум ангажиран. Во мојата објава нема говор на омраза, не стигматизирам етничка заедница, ниту постои основ за дискриминација. Напишано на уметничко-зајадлив начин кон обвинителката Фетаи, односно алудирам на нејзиното лицемерство, која како јавна личност по потекло од Боговиње не прави ништо за жените од својата средина, кои трпат семејно наслиство. Факт е дека жените во Боговиње имаат ваков третман, тоа го покажуваат и статистиките и истражувањата на невладиниот сектор. Оние што сметаат дека сум албанофоб не се во право затоа што немам ништо против Албанците или жените што живеат во овие средини. Само укажувам на проблемот, без разлика дали тој постои во Боговиње или Кривогаштани“, вели новинарот Златев за „А1он“.

Пред извесно време бурни реакции во јавноста следуваа и кон портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој новата министерка Нина Ангеловска ја нарече „групировка“.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

ЗНМ: Oсуда за нападот кон колегата Фуркан Салиу од страна на извршителката Весна Јакимовска

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

Орце Костов

ЗНМ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје: Соработка за унапредување на новинарството

ЗНМ И УНДП ги доделија наградите за новинарски стории за 2023 поврзани со загадувањето на воздухот во земјава