За градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, екстерното тестирање е мачење за децата и полно со апсурдни прашања. Пишувајќи како родител, тој вели дека ова мора да биде последната година на овој неуспешен партиски експеримент.
Еве што напиша Жерновски:
Уште една година екстерно тестирање и уште една година мачење на децата, апсурдни прашања и неефикасен систем.
Овој пат пишувам како родител, чии деца поминуваат низ пеколот на подготовки и полагање на екстерното. Убеден сум дека не постои рационален родител во земјава, кој смета дека екстерното тестирање го подобрува знаењето или го унапредува образовниот процес на неговото дете.
Прво, тестирањето е страшен стрес за децата. Додека во светот се намалуваат тестовите и испрашувањата како форма на учење, во Македонија се воведоа нови тестови.
Самите прашања и целата организација на процесот е лош и нефункционален. Секоја година кружат по интернет смешни и нелогични прашања. Денеска прочитав дека наставниците намерно не заклучуваат оцени, само за да ги усогласт со резултатот на учениците од екстерното. Целиот процес е непромислен и ги нарушува редовните функционални практики во образованието.
Јас како градоначалник на Центар, за жал, немам ингеренции да направам промени во образовниот процес. Но, имам увид за состојбите од комуникација со училиштата и вработените во образованието. Одговорно тврдам дека буквално, ама буквално никој не го поддржува ова тестирање, а просветните работници, како и самите ученици, се противат на овој проект.
Ова мора да биде последната година на овој неуспешен партиски експеримент, за да можат и нашите деца да ја имаат онаа иста насмевка која ја имавме ние кога започнуваше летниот распуст.