Откривањето на кривичните дела од илегалната миграција во првото полугодие од годинава е зголемено за 20 отсто. Според анализираните случаи, како што соопшти МВР, Македонија е главно транзит земја.
Рутата на мигрантите е илегално преминување на грчко-македонската граница, а потоа, во гевгелискиот регион, со возила, сторителите се упатуваат кон Скопје и Куманово, од каде илегално заминуваат преку српската граница кон западно-европските земји. Само во еден случај, криумчарена е албанска државјанка за да работи во угостителски објект во Тетово.
Во повеќето случаи, мигрантите се затекнати во возилата на транспортерите на патните правци од Гевегелија, Градско, Демир Капија, Гевгелија-село Богородица, Валандово, Струмица, Велес, Градско, Неготино кон Скопје и Куманово. Во еден случај мигрантите се откриени на граничен премин при конторла на товарно возило, а биле сокриени во специјално направен простор во возилото.
Прокриумчарени се вкупно 203 мигранти – од Сирија 80, Авганистан 63, Сомалија 25, Еритреја 19, Коморе четири, Бангладеш три, Палестина и Брегот на Слонова коска по двајца и по еден од Конго, Албанија, Пакистан, Гамбија и Египет.
Во првото полугодие од 2013 година се криумчарени 204 мигранти.
Во овој период од страна на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал откриена е шест члена криминална група. Ееден од членовите е од Пакистан и престојувал во Центарот за азиланти во Скопје, а еден е полициски службеник. Членовите на групата организирале прифаќање мигранти од Грција, а потоа ги транспортирале до Скопје и Куманово со цел понатамошно криумчарење кон Србија.
Случаите на криумчарење мигранти се реализирани од Регионален Центар Југ-19 случаи, Регионален Север-седум случаи, од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-шест случаи и еден случај од СВР Штип, а помеѓу сторителите освен македонски државјани пријавен и еден државјанин на Палестина, еден на Грција и еден на Пакистан-кој престојувал во Центарот за азиланти.
Како што информира МВР, Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал вчера поднесе кривична пријава против Г.В. викан „Вампир“ (1976) и Љ.Н. викан „Бели“ (1974), вработен во МВР како полициски службеник, двајцата од Скопје, заради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“.
Полициски службеници при Секторот за трговија со луѓе и илегална миграција, во координација со полициски службеници од граничната полиција, по претходно добиено оперативно сознание за можно илегално пренесување група мигранти на подрачјето на Гевгелија, беа презедоа мерки и активности за откривање, попречување и лишување од слобода на инволвираните лица. Пријавените, по договор со засега непознато лице, на подрачјето на село Стојаково – Гевгелија, извршиле прифаќање и превоз на 12 лица – илегални мигранти, со намера да ги транспортираат до кумановскиот регион и понатамошно криумчарење кон Р.Србија и кон земјите на ЕУ.
Најпрво, во доцните вечерни часови се упатиле кон подрачјето на Гевгелија со теренско возило „Пинцгауер”, кое било нерегистрирано и на кое ставиле МКД полициска регистарска таблица, за да извршат прифаќање и превезување на 12-те илегални мигранти. Мигрантите кои претходно оствариле нелегален влез од Грција, чекале во близина на Стојаково, од каде околу 01:45 часот пријавените ги презеле, по што со возилото и мигрантите се упатиле во правец на Гевгелија, од каде по автопатот продолжиле кон Удово.
Преземени се мерки за запирање на возилото и нивно фаќање, но при обид да бидат сопрени и фатени во близина на бензинската пумпа „Макпетрол“ кај Удово, ги забележале полициските службеници, ја игнорирале полициската сигнализација и веднаш се дале во бегство. На оддалеченост од околу три километри од село Удово и осомничените и мигрантите го напуштиле возилото и избегале во непознат правец, по што почнала потрагата на теренот. Во близина на возилото набрзо биле пронајдени и фатени 12-те мигранти. Станува збор за 11 сириски и еден авганистански државјанин на возраст од 18 до 40 години. По преземени дополнителни оперативни мерки и активности, утвреден е идентитетот на сега веќе пријавените лица, по што се пронајдени и приведени во Полициската станица Кисела вода.