Во градинката „Сончоглед“ во Кисела вода заврши првата фаза од реновирањето на објектот. Од Општината информираат дека се финализирани градежните зафати кои опфатија промена на ламинатот на површина од 800 квадратни метри, внатрешно молерисување на објектот, отстранување на старата ламперија и поставување на гипс-картон со глетување на ѕидовите.
За реализацијата на овие реконструктивни зафати, Општина Кисела Вода вложи околу 900.000 денари. До крајот на 2017 година ќе тече и втората фаза која ќе овозможи санација на тоалетите, а веќе во третата фаза која е предвидено да се реализира во 2018 година, ќе се изврши реновирање на делот со јаслите, промена на прозорците и ламинатот.
Објектот на градинката “Сончоглед” згрижува 260 дечиња. Се наоѓа на улицата “Локов” во населбата Кисела Вода и е дел од ЈДГ “Весели Цветови”. Датира од 1975 година и во него досега немало некој покрупен реконструктивен зафат.