Апелациониот суд ја одложи расправата по пресудите во случајот „Монструм“ затоа што двајца од шестте обвинети не беа приведени и донесени на рочиштето што требаше да се одржи денеска. Судскиот совет не беше известен од кои причини обвинетите Агим Исмаиловиќ и Хаки Азири не беа приведени и донесени во судот.
Расправата по пресудите за петкратното убиство во 2012 се одложи за 11-ти септември. Доколку бидат задоволени сите услови, на следното рочиште ќе се расправа по жалбите на одбраната која бара укинување на првостепената пресуда, како и по жалбата на обвинителство за една ослободителна пресуда. Според адвокатите на осудените пресудата на Кривичен суд е преседан во македонското судство и сметаат дека мора да се поништи.
Во меѓувреме јавноста очекува од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да ја објави „бомбата“ со прислушувани разговори во која, наводно, се откриваат нови факти поврзани со случајот. Како што кажа и самиот Заев, овие разговори фрлаат нова светлина на процесот против осуммината обвинети. Од СДСМ најавија дека објавувањето на овие разговори ќе зависи од постигнувањето на политички договор меѓу четирите партии. Доколку се постигне договор, доказите за „Монструм“ ќе бидат предадени на надлежните органи.
На 30 јуни минатата година скопска единица ги прогласи за виновни Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута за петкратно убиство, коешто беше извршено на Велигден 2012 година. Осудените добија највисоки можни казни под обвинението за тероризам.
М.В.