Затворен е угостителски објект во тетовско Жеровјане во кој синоќа надвор од дозволеното време биле затекнати 40-ина гости, а при акцијата на полицијата се приведени сопственикот и уште неколку лица, поради непочитување на мерките за справување со коронавирусот и поради пронајдена дрога.
Во угостителски објект во село Жеровјане,тетовско, синоќа во 22.35 часот, при спроведена акциска контрола од полициски службеници од СВР Тетово, во содејство со Државен пазарен инспекторат биле затекнати околу 40 гости, при што слобода бил лишен сопственикот на објектот Х.А.(31) од село Боговиње, поради постоење основано сомнение за кривични дела „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ и „Трговија со луѓе“.
Како што соопшти денеска МВР, приведени се и двајца гости во објектот И.Д.(30) од Тетово бидејќи кај него била пронајдена прашкаста материја и Е.З.(21) од с. Горно Седларце, тетовско, кај кого била пронајдена марихуана.
Во објектот биле затекнати и седум државјанки на Србија, една државјанка на Бугарија и две наши државјанки кои работеле во угостителскиот објект и се лишени од слобода. Објектот е затворен од Државениот пазарен инспекторат и по документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, најави МВР.