Харангата врз новинарите Слободанка Јовановска и Насер Селмани се само уште еден доказ во низата на државната репресија врз новинарството
Пишува: Ерол Ризаов
Политичката контрола и економската зависност на медиумите прераснува во сложен и скап систем кој метастазира во сите пори на заболените и недемократски општества. Војните и диктатурите секогаш почнуваат со убиство на вистината, таа секогаш прва гине. Потоа следува пропагандата за големите успеси на власта и осуда на бројните злодела на претходниците. Зенитот и најголемите дострели на режимите е откривањето на пославно и поубаво историско минато, нови јунаци и изградба на грандиозни објекти и споменици во слава на заборавените херои и новата патриотска власт. Стравот е најсилниот сојузник на авторитарните власти и водачи кои постојано затвораат и судат сѐ помногубројни предавници, шпиони и кодоши кои ги загрозуваат државните интереси и светите обележја на нацијата, идентитетот, верата, традицијата, патриотизмот, гордоста и достоинството на еден народ.
Премиерот Никола Груевски тоа извонредно добро го сфатил. Тој категорички ги отфрла таквите оценки за Македонија како нереални и тенденциозно пласирани од домашни сомнителни новинари и невладини организации финансирани од странци, кои работат против интересите на државата. Груевски е убеден дека злонамерните текстови и шпионски активности на домашните предавници ги прифатија и светските медиумски асоцијации и за неколку години без никакви аргументи го сместија новинарството од пристојното место меѓу првите 35 земји во светот на срамни позиции во друштво со авторитарните режими и диктатури некаде зад 125 држави на ранг листата за медиумски слободи. Тоа последно место во регионот и во најголемиот дел на Европа Груевски го нарекува лага и вештачки надуван балон, поради притисок врз Македонија за земјата да се прикаже како недемократска со дополнителен измислен адут за немање на медиумски слободи и на божемна загрозена демократија. Премиерот Груевски тоа го кажува повеќе пати јавно дека единствена причина за блокираното членство на Македонија во НАТО и во ЕУ е националистичката политика на Грција и нејзината поддршка од големите сили.
Демократијата како колатерална штета
Ваквата одбрана на премиерот за измислени притисоци врз медиумите и загрозената демократија наидува на голема поддршка во јавноста на Македонија. За тоа има повеќе причини, но две се најважни. Прво, оправдана е огорченоста на јавноста од грчките уцени и ултиматуми, шовинистичката политика кон Македонија што го спречува развојот на една мала и мирољубива земја и нејзините легитимни стремежи да ги оствари своите стратегиски интереси со европеизација. Над два милиони луѓе се заробеници на таа грчка злоупотреба на своите позиции во НАТО и во ЕУ, но и поради срамната политика на големите и влијателни земји во светот и во Европа, чии водечки политичари и покрај пресудата на највисокиот суд за правда благонаклоно гледаат кон грчката блокада. Разбирливо, ваквиот протекционизам, неправда и непочитување на меѓународното право и судот за правда во Хаг предизвикуваат гнев во Македонија. Втората причина е дволичноста на Европа која секогаш е подготвена да замижи пред сите злоупотреби на власта и блокираните демократски процеси само ако е подготвена на компромис за името на државата. Тука Груевски би нашол извонреден доказ дека Македонија е демократска земја пар екселанс која е онеправдана само поради Грција и интересите на големите сили. Таа егоистична политика на големите сили на пристрасно арбитрирање, дури и на премолчување на најголемите злосторства и злосторници во светот, е бескрајната црна филмска трака што секој ден ја гледаме ширум светот. Ако работите тргнат по патот на тие доктрини да се дојде до компромис, македонската блокирана демократија и контролирани медиуми ќе бидат колатерална штета, но само во еден покус период, после кој би уследиле крупни политички промени и демократски инсталации, владеење на правото и функционирање на институциите на системот.
Сега клучното прашање е колку тоа ќе трае и дали Македонија има капацитет и стабилност тој период да го издржи и да го преживее без меѓуетнички судири и тензии кои се најголемата закана да предизвикаат уште една помалку или повеќе крвава делба на Балканот. Затоа, откочувањето на демократските процеси е, пред сѐ, домашна работа на македонската јавност и граѓани на политичките и интелектуални елити.
Случаите на Селмани и Јовановска
Еве неколку конкретни последни примери, кои јасно покажуваат дека не се работи за лажно надуван балон, туку дека станува збор за сериозна и загрижувачка загроза на медиумските слободи, кои, пак, прераснуваат во државен систем на репресија и притисок. Претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, замислете без да праша никој во владата дал интервју за еден интернет портал и притоа изнел свои ставови и на Здружението на новинари, јавно изразил и стравување дека се можни апсења на новинари. Кажал нешто што треба практично да му биде секојдневна обврска во одбрана на професијата и како новинар и како претседател на ЗНМ. Ама, кај нас важат други мерила и критериуми за новинарскиот професионализам и припадност. Штом ја критикуваш владата и власта ти си непријател и крај. Истиот миг почна голема хајка против Селмани, против најстарото Здружение на новинари, кое власта со сите сили се обидува да го маргинализира со основање и форсирање на ново паралелно апологетско здружение на новинари, МАН, ангажирано и стимулирано да ја велича владата. По интервјуто на Селмани се случи нешто незамисливо не само во демократскиот свет, туку и во делумно слободните држави и авторитарни системи. Владејачката партија излезе со соопштение до јавноста во кое со недоличен јазик го сатанизира и претседателот на ЗНМ и медиумите и новинарите кои сѐ уште професионално ги следат политиките на владата и премиерот.
Колешката Слободанка Јовановска од Утрински Весник се дрзнала без да се консултира со никој во Владата на конференција за печат да ѝ постави прашање на Викторија Нуланд, потсекретар на американскиот Стејт Департмент. Веднаш беше ставена на столбот на срамот во сите провладини портали и телевизии. Нејзиниот грев е што прашала што г-ѓа Нуланд мисли за бојкотот на опозицијата на Парлментот. Како тоа смее новинар да постави такво прашање, кое ги загрозува интересите на државата, не можат да се изначудат патриотските медиуми.
Тоа е тој редовен систем на оцрнување на новинарите кои професионално си ја работат својата работа. Прво, се објавува еден анонимен текст, па потоа следува директива за негово експресно пренесување во сите контролирани медиуми. Новинарските перјаници на власта имаат редовни колумни во повеќе весници, телевизии и интернет портали, кои служат само за оцрнување на сите автори и личности кои се пројавуваат со свои размислувања што не одат во прилог на премиерот и владата. На пример, секој што ќе се посомнева во пребрзото задолжување на владата и со прикажување на таа очајна беспарица како голем успех на власта што секој ден се заборчува до гуша за покривање на буџетскиот дефицит, веднаш ќе биде нападнат со најпогрдни зборови. Во оваа прилика мислам дека е излишно да се набројуваат притворот на Кежаровски, барањето на испорака од Србија на Божиновски, гаснењето и финансиското уништување на повеќе медиуми, смената на десетици и десетици главни уредници и уредници на рубрики, преселба и отстранување на цели новинарски истражувачки тимови, драконски судски казни во милионски износи на неподобни новинари и уредници, перманентното пребројување на странски платеници, улогата на соросоидите во уривањето на македонското општество, коруптивните јавни и тајни субвенции на медиумите блиски до власта, селективното рекламирање, забранетиот и ограничен пристап на различно мислечките луѓе во медиумите, смешните дебати само меѓу истомисленици… Тоа во Македонија се веќе бајати и општопознати работи кои се толку видливи и евидентни што веќе никого не вознемируваат, туку стануваат составен дел на апатичната држава во која најголема грижа станува како да се преживее месецот, а сѐ почесто и денот.
Примамливоста да се влијае на уредувачките политики е задолжителна стратегија на сите влади и центри на моќ распространета во разни форми во целиот свет. Притоа, има пишани и непишани закони до каде може да се оди. Кога тоа се претвора во систем само за одржување на власта и затскривање на злоупотребите и неказнето кршење на законите, тоа е сликата која ја гледаме пред себе секој ден и на која стануваме рамнодушни до болка.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).