Морам да признаам дека за прв пат во животов пишувам текст по наговор, иако сметам дека сите ние треба да дадеме придонес на сето она што се случуваше на 24.12. пред Собранието.
Арно ама во мене се појави една грда институција која долго време ( неколку саати) ме држеше во заложништво. АВТОЦЕНЗУРАТА!
Една од најгрдите човекови особини поврзани со стравот за сопствениот конформизам. Па бидејки не сум конформист по “професија” решив да превземам некои чекори. Имено пред извесно време соопштив дека се откажувам од моите деца, внуци и останатата родбина во нивни интерес, за да немаат последици од моите “ неконтролирани” постапки.
Е па штом е така и штом тоа го направив можам слободно да си пишувам, да си јадам г…а без некој да страда заради мене. Ме прашувате од кај ми е идејата за ваков потег?! Многу едноставно , бев предупреден посредно и непосредно и по телефон и директно да внимавам на моето однесување и на моето пишување. Им порачав ич да не ги боли за мене што и како бидејки мојот живот полека но сигурно згаснува и немам што да изгубам, дури ни српот и чеканот бидејки тоа ми го зедоа “ визионерите” наши, кои ме убедуваа дека допрва ке видам што е живот.
Добро, си реков, ај да видам. Очи ми истекоа, нерви ми се истенчија, станав Годо ама од поубавиот живот ни трага ни глас. Напротив секој ден тонев од грдотија во грдотија. Има тука и моја вина, ама не до толку.
И наеднаш станав заложник на една иста политика ама имињата на пропагаторите на “ круцијалните” идеи се менуваа. Сите властодршци ми беа блиски по некој начин. И бев збунет. Им ги гледав програмите си личат ко јајце на јајце и си поставував прашања: А чуму ни е многупартиски систем кога сите до еден се грижат за мене како да сум им најблизок род. Сите подеднакво се грижеа и за Државата ни. Дали забележувате дека пишувам во минато свршено време. Да тоа време помина , ама настапи едно друго време, време кога полутаните, не многу докваканите, до вчера беа апсолутни анонимуси, а денеска токму тие владеат. И многу пати сум си поставил прашање кај е проблемот што сето ова се дозволува.
Најверојатно ќе да е во генетскиот код. Кога Севишниот го создавал човекот, имам чувство дека меѓу последните го создал Македонецот. Дали ќе да е од замор, дали ќе да е од заситеност, во секој случај направил едно чудо утки во нашиот код. Па како може луѓе да живееме како заложници на некои персони кој ако не влезеа во политиката ќе беа тоа што беа. никој и ништо.
И наеднаш заложници нивни стануваат уметници, интелектуалци, занаетчии. Аллллооо до кога? Ова ало си го упатувам и себе си.
До кога ќе дозволуваме разни полумедиокритети да си играат со нас? До кога ним ке им се улизуваме? До кога ке бидеме нечии полтрони и дупелижачи? И после сакаме да си одат! Е како да си одат кога им е убаво. Ем не под……т, ем им го лижеме задникот. А бе убајна.
Да се вратам на 24.12. Што сакавме, сто очекувавме. Кога сето тоа се случуваше во соседните земји им се восхитувавме. Се соживувавме со Србите, со Бугарите, навивавме за нив ко да сме на фудбалски натпревар и им се восхитувавме кога ја освоија до вчера нашата Скупштина, ги бодревме и им честитавме на Бугарите кога го освоија Собранието. Супер, од сосед по сосед. Арно ама, секогаш има едно АРНО АМА. Мечката заигра и во нашиот двор и што направивме ние Библиските и Античките? Си ја пикнавме главата под перница со мислата НЕМАМ ЈАС НИШТО СО ТОА, НЕКА СИ ВАДАТ ОЧИ.
Е море драги мои комшии, пријатели ако може во иднина да не ја навредуваме Библијата и Антиката пикајќи се ние во таа историја. Ало Антички , па Цане Македонски би се срамел дека го својатате и се поистоветувате со него. Срамота. Што направивме сите ние кога нашите очи (новинарите) на сила ги вадеа од галеријата на Собранието? Што направивме сите ние кога како најдолна стока ги влечеа пратениците и пратеничките од салата? Да ви кажам ли? Нејќете? Да знам, вистината боли, ама седнати ко стрини пред ТВ гледавме кој турски серии, кој патриотски емисии, кој турбофолк музика слушаа. Неможеа друго и да видат и да чујат. Ги превртев сите канали и информациите кој што ги добивав од терен и мислев дека се лага. Па според Националните телевизии во нашава напатена земја течеше само мед и млеко. И тогаш на Фбејсбук видов пост „Браво Боби Христов“ и нормално веднаш свртев на 24 часа и конечно ја видов вистинската слика.
Тажно! Лидерот на опозицијата стои достоинствено, меѓутоа тагата во очите му се гледаше. Беше изневерен од своите скопски сопартијци. Да не беа довитливите струмичани, итрите прилепчани немаше ни толку да има. За прв пат го видов БЦ толку лут и бесен, толку што не му преостана да ја руши бариерата и да тргне по цена да “ попие” некој пендрек. Па добро бе господо чувари на народот знаете ли кого удиравте? Ај што е лидер на опозицијата, ај што бил Премиер,ама човеков беше Претседател на Македонија и не ја посрамоти ниеднаш никаде како што многу често го прави тоа позицијата. Срамота. Да се немало намус, да се немало почит. Ја влечкаа Радмила Шеќеринска ко да е крпа за бришење душеме и во исто време забораваат дека таа Дама ја донесе до подотворена врата Македонија во ЕУ.
Ама нема везе, таа е СДСМ, а штом е од таму треба да се ништи. Мотото на позицијата е- кој не е со нас е наш непријател! Глупости, ама глупости. Од кај таа идеја. Едноставно не се согласувам со нив а тоа не значи дека ми се непријатели. Напротив сите ги доживувам, барем така сакам, како конструктивни противници.
И за крај уште нешто. Јас бев, сум и ке бидам тоа што сум. Луѓето ме препознаваат иако не сум политичар. Седат, пијат ракија , кафе (лажам за кафето), мезат со мене иако не сум, ама ич не сум моќен.
А вие кутрите кога ке си отидете од власт, а? Што очекувате? Свесни ли сте дека сите ваши заложници ке ви свртат грб. Знаете ли како се вртат сончогледите? Од кај да знаете, кога не сте земјоделци, а штрајкувате и добивате субвенции како земјоделци. Уским уметници, кога сме веке кај титулата Уметник да им се обратам на моите бивши колеги. Драги мои, си ве сакам, ама постои разлика меѓу Уметник и човек кој се занимава со Уметност. Ја воочувате разликата , нели?
А, доста веке. А, да, само уште една молба: Ослободете ме од васето заложништво, пуштете ги моите деца , внуци и сите млади луѓе да живеат.
Во некоја друга прилика за типовите кои се фалат со гениталии.
Бидете ми живи и здрави и Господ нека ни е на помош.
Марин Гермов-уметник без книшка