Законот за амнестија чека потпис од претседателот Иванов

Од:

Законот за амнестија утрово е испратен до кабинетот на претседателот на РМ, Ѓорге Иванов и се чека да биде потпишан, велат од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери. Според информациите до кои стигна „А1он“, законот ќе биде потпишан во најбрз можен рок.

Откако законот, кој вчера беше изгласан во Собранието со 95 гласа „За“ ниту еден „Против“ и ниту еден „Воздржан“, ќе биде потпишан од претседателот Иванов, треба да излезе во Службен весник со што истиот стапува на сила.

Обвинетите за случувањата од 27 април минатата година во Собранието на РМ, според законот, ќе имаат 5 дена да поднесат барање за амнестија. По барањата на обвинетите, во рок од нови 5 дена ќе одлучува судот односно судечкиот совет кој го води случајот на чело со претседателката Добрила Кацарска, а во консултација со јавната обвинителка која го поднесе обвинението, Вилма Русковска.

„А1он“ стапи во контакт со дел од адвокатите на обвинетите за „крвавиот четврток“ кои велат дека засега немаат никаков став околу законот за амнестија. Чекаат истиот да излезе во Службен весник, да се консултираат со странките па потоа заедно да одлучат дали ќе испратат барање за амнестија до судот.

Иницијатори на овој закон заедно со премиерот Зоран Заев беа и осумте пратеници од независната пратеничка група, која беше дел од ВМРО-ДПМНЕ. Тие дадоа поддршка на уставните измени со што на некој начин го условија парламентарното мнозинство кон донесување на овој закон.

Пратениците од Алијанса за Албанците, Зијадин Села и Сурија Рушиди не го поддржаа законот за амнестија. Претседателот на партијата Села пред гласањето изјави дека нема мир со злосторниците и дека е срамно што тие се во сала и гласаат. Покрај пратениците од АА, за законот не гласаше ниту Горан Милевски, лидерот на ЛДП, коалиционен партнер на СДСМ.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови