Кривичниот суд денеска соопшти дека судечкиот судија кај кого беше распореден обвинителниот предлог на СЈО против седум лица осомничени за кривичното дело „Фалсификување на службена исправа“, оформи предмет и закажа рочиште за 28-ми овој месец.
– Судечкиот судија кај кого беше распореден обвинителниот предлог на Обвинителството за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) против седум лица осомничени за кривичното дело „Фалсификување на службена исправа“, од чл.361 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од КЗ по добивање на предлогот, оформи предмет со К.бр.1905/16 и закажа рочиште за 28.11.2016 година во 11:30 часот за кога се испратени покани до странките во постапката заедно со примерок од обвинителниот предлог, се вели во денешното соопштение од Кривичниот суд.
Веднаш по поднесување на обвинителниот предлог, како што е наведено во соопштението, СЈО поднесе и барање за изземање на надлежниот судија, кое барање во законски утврдениот рок беше одбиено од претседателот на судот, по што СЈО поднесе и жалба до Апелацискиот суд Скопје, со што судот одби да го изземе судијата, по што по отстранувањето на сите попретпоставки за закажување на рочиште, истото е закажано на горенаведениот датум.