Вчера вечер бил направен обид да се заплашат Ромите кои ќе учествуваат на Маршот на гордоста и достоинството што ќе се одржи денес, поради што организаторите се премислуваа дали да продолжат со планот и да завршат со маршот пред Владата. Заканите и заплашувањата сепак не вродиле со плод, претставниците на ромската заедница не потклекнуваат и велат дека Маршот ќе се одржи според планираното.
Во 11.45 часот ќе се тргне од Топаана, па преку Кале ќе се продолжи кон Влада. Таму ќе се предаде писмо со барање Ромите да не бидат повеќе третирани како граѓани од втор ред, да престане дискриминацијата кон оваа етничка заедница и да се почитува Охридскиот рамковен договор за правична застапност на Ромите при вработување. Организаторите на маршот бараат и јавно извинување од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, за навредите со кои се користи кон Ромите во разговорите што ги објави опозицијата.
Од здружението „Романо Авази“, кој е организатор на маршот, не прецизираат со какви закани биле заплашувани една вечер пред маршот. Од таму синоќа до медиумите испратија соопштение во кое велат дека не се сигурни дали ќе се оди пред Влада поради притисоци и заплашувања.
„Маршот ќе заврши пред нашата канцеларија на улица „Никола Кљусев“ бр.14 со прослава и музика, а дали ќе се оди пред Влада и предаде барање не сме сигурни поради заканите кои ги добивме пред 3 часа“, соопштија од таму.
Утринава од таму велат дека по Влада маршот ќе продолжи пред канцеларијата каде ќе се одржат говори.
Маја Васева