Има многу јасна дистинкција како се носат закони за унапредување на употребата на јазиците во ова време, со оваа Влада и онаа порано. Порано се носеа по завршување на парламентарни избори, додека се формираше влада, на шверцерски начин, без каков било коментар на високите политички претставници и речиси без дискусија, рече денеска премиерот Зоран Заев, одговорајќи на новинарски прашања.
– Со тоа што го правиме ние како Влада, најавувајќи го законот, лично јас од Охрид на прес-конференција, отворивме опсежна дебата. Сакавме да го донесеме пред изборите, но опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ се јасни. И, нема проблем. Дебатата ќе продолжи, нека се искористри можноста дебатата да опстојува до донесувањето на законот. Сакаме на транспарентнен начин, без каква било резерва или пречка зад која ќе се криеме, да носиме вакви важни работи за потребите на граѓаните. Ништо не ни значат одредени суетни прашања независно од кој се поставени. За нас границите се ставени – тоа да биде уставно и вистинска потреба на граѓаните, подвлече Заев на прес-конференција во Владата откако информира за активностите на владината делегација на 72. Генерално собрание на ОН во Њујорк.
Според него, Уставот ја има дефинирано употребата на јазиците, дури и појаснето.
– Ние се водиме од рамката што се вика Устав на РМ и практична потреба на граѓаните, а не хир. Секоја идеја, критика, сугестија е добредојдена. Тоа секојдневно се случува, ние знаеме да се корегириме, да се повлечеме, зашто мора и треба да ги слушаме граѓаните. За нив сме тука, потенцира премиерот.
Во врска со кандидатите на ДУИ за локалните избори, Заев одговори дека во Струга СДСМ има свој кандидат за градоначалник.
– Ние таму сме првата победничка партија во 2016 на изборите. Очекувам прво ние да влеземе како првопласирани, а потоа да видиме кој нас ќе не поддржи. Во Чаир стоиме зад поранешниот заменик министер за образование, зашто е вреден кандидат. Не постојат никакви сомневања за него, а верувам дека такви поддршки ќе испорачаме и во други општини каде што мислиме дека кандидатите за градоначалници се добри, работеле за граѓаните, или, ако се нови, дека ќе работат за граѓаните. Апсолутно подеднакво за сите граѓани и за самата нивна општина која ќе ја водат со љубов.