Премиерот Зоран Заев на почеток на отворање на парламентарната дебата за нацрт-амандманите на Уставот рече дека политичките елити се вкопани во политички ровови водејќи сметка само за тесно политичките интереси.
„Идентитетот со амандманите е зачуван. Останува подадената рака и мојата заложба одлуките да се носат во интерес на државата. Собранието, наместо простор за делби да биде арена за идеи за благосостојбата и иднината на Република Македонија. Но тоа не значи дека плуралистичата различност треба да се оневозможи. Тоа треба да е мотор, а не кочница за развој“, рече Заев.
Во Собранието е иницирана постапка за измена на Уставот, сега, посочи „Вие пратениците треба да го одобрите следниот процес, а тоа е јавната расправа“. Амандманите, нагласи Заев, се во согласност со меѓународното право и интересите на граѓаните.
„Со ова го забрзуваме процесот за интеграција во ЕУ и НАТО што ќе значи подобар живот. Процесот е неповторлив. Да им обезбедиме историска перспектива на денешните и идните гаранции“, рече премиерот.
Премиерот Заев ги образложи и амандманите. Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36. Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „и на Охридскиот рамковен договор“.
„Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави. Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ.
Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.
Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство.
Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.“
„Доколку Грција не ги иполни своите услови амандманите нема да важат“ рече Заев додавајќи дека ова беше побарано од опозицијата и оти денеска повторно споменато од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев реплицираше на опозициските пратеници кои изнесоа критики и забелешки за процесот, што според нив е неуставен и ќе се менува името на државата. Во однос на референдумот, Заев рече дека тој е успешен, но одлуката не е донесена.
Според него, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ветил дека ќе го помогне овој процес.
-Референдумот е успешен одлуката не е донесена. Може ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде утре на власт, што после тоа? Нема друго, туку ќе се донесе истиот договор. Да не ја кочиме Македонија. Мицкоски, вашиот претседател, зборувал насекаде ќе го помогне овој процес, ако не друго затоа што е за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО. Разбирам дека сме различни, апелирам за конструктивност. Нека се виновни Заев и Димитров кои го потпишаа договорот, но дајте да и овозможиме на државата членство во ЕУ и НАТО, рече Заев.
Зекир Рамчиловиќ од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека осумтемина пратеници со чија поддршка се отворија измените на Уставот ќе гласааат воздржано за три амандмани, потсетувајќи го премиерот дека процесот на уставни измени е врзан со процесот на помирување и простување.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на седницата побара точката да се повлече од дневниот ред бидејќи предлогот, според координаторот на пратеничката група Никола Мицевски е противуставен, а референдумот беше неуспешен. Предлогот на опозициската партија со 61 глас против не беше прифатен од страна на владејачкото мнозинство.
За време на седницата ВМРО-ДПМНЕ му забележаа на претседателот на Собранието Талат Џафери за ословувањето на независната пратеничка група со името на ВМРО-ДПМНЕ.
Пленарната седница може да трае 12 дена, бидејќи за секој амандман е предвидена дебата од три дена. Во оваа втора фаза за усвојување на амандманите е потребен 61 глас. Сепак, очекувањата според, претседателот на Собранието се дека седницата ќе заврши многу побргу.