(ВИДЕО) Заев: За ваква ли Македонија сонуваа Илинденците и Асномците?

Од:

„Ова не е обичен 8. септември, кога само ја славиме одлуката за независна Република Македонија, кога ќе си честитаме за државноста и ќе се потсетиме на надминатите предизвици во изминатите 23 години самостојност.

Денеска, сакам да ве уверам, дека ќе ни биде и навистина вековит овој ден иако неговата вечност, е сериозно доведена во прашање“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

„Денеска е ден за славење, но не само за тоа. Денеска е убав ден и да се прашаме:

–      За ваква ли Македонија мечтаеа и сонуваа Илинденците и Асномците?

–      За ваква ли Македонија се страдало, се пролевало крв и се губеле животи во минатото?

–      Дали мнозинството граѓани кои на денешен ден пред 23 години го кажаа референдумското ДА, помислуваа дека ќе ја видат Македонија на колена, понижена, засрамена, земја без луѓе?

Од надежна земја, Македонија стана земја на безнадежноста. Од земја на сите граѓани, Македонија стана земја на поединци.

Од слободна земја, оддамна ослободена од туѓи поробувачи, Македонија стана окупирана земја од домашни поробувачи, земја што пак треба да се ослободува. Од праведна земја, Македонија стана земја на неправдата.

Од граѓани на родната земја, влеговме во туѓи тефтери, станавме сопственици на туѓи пасоши.

Наместо мостови за соработка и пријателство, гледаме мостови за појадок на сиромашните. Наместо Македонија убав пример на Балканот, оваа земја стана пример за раскошот на поединци и бедата на народот.

Од 23 години независност, цели 13 години Македонија е зависна од волјата на квазипатриоти. Од земја застаната на здрави нозе, Македонија стана осакатена земја, со економски осакатени граѓани.

Е нема да биде така во иднина“, рече Заев.

„Во името на Социјалдемократскиот сојуз, како претседател на најголемата опозициска политичка сила во државата, ви ветувам, на сите кои сте тука и на сите кои не сте тука, дека, Социјалдемократскиот сојуз ќе го надополни тоа што денес недостасува.

Овој ден на независноста на нашата држава да значи и индивидуална независност, и економска самостојност, и слобода, и демократија, и перспектива, и реална надеж за подобро утре. Дека ќе биде се она што за жал не е денес, што ни го стега срцето и со право не прави загрижени, за нашата иднина и за иднината на нашата земја.

Со право очите на целата јавност во Македонија се свртени кон Социјалдемократскиот сојуз. Знаат сите. СДСМ го слуша гласот на граѓаните и кога другите не можат и СДСМ е храбра и кога е тоа најтешко.

Ја покренавме иницијативата за Референдум за независност, кога други бараа решение во отцепување,

Изградивме институции и создадовме држава,

Земјата ја направивме достојна членка во Обединетите нации,

Покрај сите регионални предизвици, го сочувавме мирот во државата,

Кога тој мир беше загрозен, во 2001-та година, без размислување и партиски калкулации се вклучивме во разврската на кризата и придонесовме за запирање на конфликтот,

Само четири години по војна, Македонија ја донесовме до портите на ЕУ, земја кандидатка, рамо до рамо со Хрватска,

Станавме лидер во опкружувањето по евро-атлантската перспектива и

Успеавме да бидеме пример за зрели меѓуетнички односи и успешен соживот.

Да, честопати правевме чекори што не се наш тесен партиски интерес и знаеме колку тоа нас не чини како партија.

Но, тоа беа чекори во интерес на државата, а како што знаеме, партија и држава не одат заедно, зашто гледаме сите, преку оваа власт, колку тоа не чини сите нас како граѓани и како Република Македонија.

Затоа денес, во име на таа државотворност на СДСМ, со право, не бараат, не повикуваат, каде сме. Зад сето тоа стои огромната потреба што повторно ја имаат граѓаните и Република Македонија од Социјалдемократскиот сојуз.

Овој 8-ми септември е аларм за нашата обврска кон нашата држава.

Гледате што прави 9-та година оваа неодговорна власт, на којашто не и е до Македонија, туку до личните и партиските интереси.

-Околу 450.000 луѓе се иселени од државата, од нив околу 250.000 млади,

-Македонија ја задолжија милијарди евра, да не можат да се раздолжат ни децата на нашите деца,

-Ја ставија државата во медиумски мрак по теркот на Северна Кореја,

-Ја укинаа слободната волја, право со кое се раѓа секој човек на овој свет,

-Ја изолираа земјата, меѓународно ја посрамија.

Плачат родители по деца кои им бегаат во странство, Плачат првачиња и ученици од образовните експерименти,

Лелеци се слушаат по болничките ходници, ни лекари, ни лекови има, зарази се шират како да сме во Африка,

Социјалата ја свиткаа под секое елементарно достоинство,

Земјоделците, работниците, фирмите ги направија зависни од државата,

тие да му слугуваат на системот, наместо системот да им олеснува на граѓаните.

Судството и полицијата ги окупираа за да нема правда,

зашто добро знаат дека каде што нема правда, нема слобода.

Се што можеа претворија во камен и ете во 21-от век, граѓанинот на Македонија живее во камено доба, во незапаметена сиромаштија во независна Македонија.

Вака повеќе не може. Дававме шанса, подававме рака. Граѓаните ни се сведоци. Се се злоупотреби. Во прашање е егзистенцијата на граѓаните, во прашање ни е и државата.

Нема простор за стоење на страна. И тоа време помина.

Секое двоумење, со лични или какви било други моментални интереси, ќе се врати како бумеранг. А тогаш ќе биде доцна за се.

Затоа, секој од нас кој е, и се чувствува дел од СДСМ, и секој кој си ја сака оваа земја, без разлика на политичката ориентација, да знае дека:

Македонија е пред еден од најсериозните предизвици досега од 8. септември пред 23 години!

Ние како раководство на Социјалдемократскиот сојуз, како партија, ред е да кажам, периодов, кога за кратко се повлековме, додека од сите страни бевме повикувани каде сме, сериозно анализиравме, што треба да преземеме:

Република Македонија да ја извлечеме од хибридните режими каде што ја турна оваа власт и да ја вратиме на нормалниот колосек, каде што заслужува, меѓу развиените демократии.

И еве сме! Отсега, исклучиво со вас и меѓу вас. Меѓу народот. Само таму е местото на СДСМ.

Ние нашите одлуки ги донесовме.

Со “Чесна понуда“ ве повикуваме да “Работиме заедно“.

Да нема дилема никој дека Социјалдемократскиот сојуз ќе попушти во својата одлучност да ја обезбеди слободната волја на граѓаните и да го врати достоинството на народот и демократијата во земјата.

Овој пат, нема попуштање.

Не од инает. Не функционира СДСМ со инает.

Не е дозволиво попуштање поради обврската кон граѓаните и кон државата, кои тоа го очекуваат од Социјалдемократскиот сојуз. Да ги заштити од последиците што ги остава оваа власт врз нивните животи, врз нивните семејства, врз земјата.

Затоа власта треба да знае, ако се одлучат на преговори, тие преговори мора да обезбедат и законски и практични гаранции за фер и демократски избори. Како сака власта така нека ги нарече нашите барања, но законски и практични гаранции за фер и демократски избори мора да има. Ако искрено сака власта да се реши политичката криза, ќе седне и ќе разговара за нашите аргументи и барања. А сведок ќе ни биде јавноста, и за нашите и за нивните аргументи. Уште малку можеме да чекаме со разговор да ги најдеме решенијата и практично да ги реализираме. Сите знаат дека нашата земја нема многу време ниту за чекање ниту за губење. Немаат ни граѓаните.

Ние, СДСМ и опозицијата, знаеме како и нашата обврска ќе ја исполниме. Проблемите што се присутни, мора да се решат. Се надеваме дека по пат на политички дијалог и практични гаранции, решенијата ќе се изнајдат. Но недвојбено сме убедени дека оваа есен, решенијата на проблемите мора да се обзнанат. Нема калкулации. Нашата намера е искрена – да им обезбедиме на граѓаните нормална земја со јасни перспективи.

Секој граѓанин на оваа земја да се чувствува слободен и среќен.

Нема историски предизвик што СДСМ не го прифатила, и ќе одговори и на овој, повторно, за својот народ и за својата татковина.

Сите чекори ќе ги направиме многу внимателно, сериозно и аргументирано, секое решение за подобар живот ќе го донесеме заедно со вас водени исклучиво од националните и државните интереси на Република Македонија и на крајот ќе ги овозможиме евро-атлантските перспективи.

Затоа, Те повикувам тебе, кој си до мене, Ве повикувам вас, кои сте околу нас, Вклучете се заедно со СДСМ! Да работиме заедно!

Нашите тимови ќе ви подадат рака за излез од бесперспективноста!

За перспективата ќе се избориме заедно!  Наш партнер сте вие, граѓаните!

Со ова заедничко партнерство, ве уверувам

ќе ја ослободиме државата од заложништвото и ќе ја вратиме Република Македонија во рацете на народот.

Секогаш кога календарот ќе го донесе 8-ми септември,

тој да ја буди гордоста во секој од нас, дека сме успеале кога било најтешко за иднината на државата и да не мотивира, да продолжиме по аманетот на нашите предци, по патот на правично општество, за и ние да бидеме гордост на нашите деца и идните поколенија.

Честит и вековит нека ни биде 8-ми септември, денот на суверена, самостојна и независна Република Македонија“, изјави Заев.

Би можело да ве интересира

СДСМ утре ќе го одржи 30. Конгрес на кој ќе избере ново раководство

Кузеска: За хаосот во Скопје најголема вина имаат Мицкоски и ДПМНЕ

СДСМ најостро го осудува палењето на возилото на претседателот на ОО Кривогаштани

Катерина Ѓуровски

Филипче: Да градиме мостови на разбирање и соработка

СДСМ: Власта на Мицкоски и ДПМНЕ не прифати покачување на платата на полицајците за 20 отсто

(ВИДЕО) Левица: ДПМНЕ предизвикувајќи тепачка избегна да одговори зошто не ја укина историската комисија