Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на прес конференција од партиското седиште порача дека со исполнување на двата клулни предуслови на опозицијата се отвора простор за надминување на кризата, но и дека е неопходно исполнување на два чекори.
Со исполнување на двата клучни предуслови што ги постави СДСМ и опозицијата се отвора простор за надминување на кризата.
Денеска, го објавувам планот за излез од кризата. Планот содржи два клучни чекори што мора да се исполнат до 18-ти јуни.
1.Уставниот суд да ја потврди уставноста на Законот за Специјално јавно обвинителство!
Правдата и борбата против криминалот и корупцијата се уставни категории и не смеат веќе да бидат под било каква закана. За правда не преговараме.
2.Сите приведени граѓани коишто протестираа треба да бидат ослободени и да запре прогонот врз демонстрантите!
Само ако се исполнат овие два чекори, договорот од Пржино може да преживее.
За излез од длабоката политичка криза итно е потребно да се обезбеди владеењето на правото и исполнување на сите услови за слободни фер, демократски и кредибилни избори.
– Формирање на Влада којашто ќе создаде услови и ќе спроведе слободни, фер, демократски и кредибилни избори.
– Прочистување на избирачкиот список.
– Реформи во медиумите.
Барањата на граѓаните коишто секојдневно протестираат целосно ги поддржуваме, рече Заев.
На прашање што ако не се исполнат овие барања до 18 јуни, Заев рече дека за правдата не се преговара.
– Очекуваме до 18-ти Јуни, Уставниот Суд да ја потврди уставноста на Законот за Специјално јавно обвинителство и истовремено до тогаш да бидат ослободени од притвор луѓето коишто протестираа и да престане хајката против демонстрантите. Тоа се работи коишто се подразбираат, доколку сакаме навистина договорот од Пржино да остане во живот, ако не тој повеќе нема да биде облигатор за никого во државава. Чуму кога ваквите работи коишто се духот на договорот не се испочитувани, рече Заев.
Според него, условите за регуларни, фер и демократски избори се императивот за опзицијата.
-Штом ќе бидат исполнети тие услови веднаш да одиме на избори. Само брзи избори, колку што може побрзо се излез од политичката криза во којашто се наоѓа Македонија, и гаранција за стабилноста на нашата земја. Да напоменам, духот на договорот од Пржино, и целта на договорот од Пржино е полн легитимитет на победникот. Тоа е можно само со исполнети услови за изборите. Условите можат да бидат исполнети. Сега ќе видиме кој е подготвен, да трча на фер, регуларни и демократски избори, или кој бега од тие избори, веќе предуслови нема. На седнување на маса постојат неколку варијанти, активната регистрација и неколку други варијанти. Потребно е само политичка подготвеност од чинителите тоа да се заврши. Крајно време е Македонија да излезе од кризата, а тоа е преку регуларни, фер и демократски избори.
На прашањето дали СДСМ очекува формирање нова влада, Заев кажа дека е прифатлива секаква организација на влада која може да гарантира исполнување на условит за фер и демократски избори.
– Организација на влада во којашто секако ќе бидат гарантирани исполнувањето на условите, гарантирани пред кампањата, кампањата и денот на изборите е тоа коешто е суштината и содржината на тој дел на договорот од Пржино. За нас, ако постои можност за експертска влада е прифатливо , ако постои можност за влада на национален спас, реформска влада, техничката влада да се врати, се што ќе ги исполни тие цели е отворено за разговор и немаме апсолутно никакви предрасуди или било какви скриени намери. Единствено целта е условите за изборите мора да се исполнат со организација на влада со таа намена, а секако да продолжи и во делот на кампањата и денот на изборите.
-Договорот од Пржино е многу јасен. Вели, 100 дена за менување на премиерот и доаѓање на нов премиер. 6 месеци организација на Влада за исполнување на условите и организирање на изборите. Таму вели од 20 октомври до 24 април . Тоа се 6 месеци. И апсолутно договорот од Пржинино ние мора да го почитуваме. Ако се случи крајот на октомври да има избори од денеска нема 6 месеци. Но, тоа значи од договорот веднаш да продолжи организација на влада во некаков формат за да час поскоро се исполнат самите услови. Оттука, остануваме на тие аспекти коишто веќе ги кажав за можните комбинации на организација на влада за изборите, рече Заев.