(ВИДЕО) Заев сведочи во „Монструм“: Бомбите за случајот ги предадов во СЈО

Од:

Доскорешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, на барање на родителите на убиените момчиња кај Смилковско езеро во април 2012 година, денеска се појави како сведок на рочиштето за „Монструм“ во Кривичниот суд.

Заев пред судот изјави дека сите материјали кои ги поседувале во СДСМ и во кои имал увид како претседател на партијата биле предадени во СЈО. Тој рече дека од самиот увид на материјалите се гледа дека нема целосно континуитет односно луѓето кои биле вработени во МВР не можеле секогаш да земаат копии од тие материјали и да ги достават до тогашната опозициска СДСМ.

„Дел од тие разговори ги имав слушано и ги споделив со јавноста, но тоа беше сосема мал дел“, рече Заев.

На прашањето оценувал што е важно во еден прислушуван разговор, Заев кажа дека преслушувањето на снимките го вршел лично тој, а и одлуките исто така.

„Видов разговори во форма на транскрипти што ги поседуваше тогаш СДСМ. Имаше во нив имиња и презимиња од првостепено осудените лица во ’Монструм‘. Селекција не може никој да направи, зашто докрај не може да се знае што од тоа се докази, што не. Но, кога ќе видите разговори меѓу Фејзи Азири и друго лице, знаете дека тоа е осудено лице за убиствата. Исто и за другите осудени. Имав увид за комуникација меѓу лица осудени за убиството“, одговори Заев како ја направил селекцијата на бомбите за „Монструм“.

Тој потврди дека неколкупати се сретнал со роднини на убиените момчиња, кои сакале да добијат повеќе информации од „бомбите“. На една од средбите, дел од родителите изразиле сомневање дека правосудниот систем крие од нив информации и докази.

Тој им презентирал аудио материјали кои ги побарале, без да им даде копија. За тоа што јавно не ги објавил материјалите, Заев рече дека единствена причина била што сметал дека не постои целовитост за создавање целосна слика, и затоа на крајот решил, се што поседува, да не биде објавено, туку дека да биде доставено до СЈО, за тие да ги употребат за докажување на вистината за „Монструм“ пред судот.

„На мајките сте им кажале дека на Смилковско езеро има паднато телефон на Синиша Алекосовски, вработен во Агенција за разузнавање, дали имате докази за тоа? Од вашата несериозност ние имавме додатна болка. Дали ве прашале мајките за вмешаност на Трајко Вељаноски и што сте им кажале?”, праша родителот Горан Наќевски.

„Не се сеќавам точно на разговорите со мајките на децата убиени кај Смилковското езеро. Ако сум кажал таква работа, тоа било бидејќи доаѓале секакви информации. Поставувавте секакви прашања кои мислевте дека ќе ве доведат до вистината. Искрено, без било какви обиди за манипулација или било какви скриени намери, секогаш сум ги давал одговорите пред вас и пред јавноста. Овде ќе напоменам дека во период кога беше јасно дека поседувам сериозни докази за неовластено прислушкување сум можел да користам секаков вид на интригантни изјави од било кој карактер и било кој случај за било какви интереси – но тоа никогаш не сум го направил. Не се сеќавам на прашањето за Трајко Вељаноски. Но, ако ме прашате дали имам докази против него – не сум видел и немам никакви докази против него, освен неточни писанија кои сум ги видел во медиумите од квази-новинари”, рече тој.

Еден од родителите го праша поранешниот премиер и дали Фејзи Азири комуницирал со Мухамед Зекири од СДСМ.

„Дали некој од вашата партија комуницирал со нив?”, праша родител, на што Заев кратко одговори: „Не”.

„Мухамед Зекири никогаш ми нема кажано дека е пријател со обвинетите”, рече тој.

Наќевски го праша експремиерот и „дали правел притисок директно или со свои сопсртијци, Врховниот суд да донесе ослободителна одлука“.

„Не ми паднало на памет да се јавувам по судии за носење на пресуда за овој предмет или било кој друг. За тоа прочитав од медиумите”, рече Заев.

Претходно, во судницата беше пуштена снимка од собраниска седница, на која Заев зборува за случајот „Монструм“ како одговор на прашање од пратеникот Зоран Илиоски.

Тој одговара на пратеничко прашање на пратеникот Зоран Илиљовски.

„Вие како опозиционер изјавивте дека имате прислушувани материјали со кои се расветлува сучајот ‘Монструм’. Дали имате докази и дали навистина ја откриваат вистината или доколку не е така, дали чувствувате одговорност што ги манипулиравте родителите на тие деца?, гласи прашањето на пратеникот до Заев.

Тогашниот премиер Заев, од собраниската говорница, вели:

„Ако Заев имаше конкретни докази, тие докази, бомби, ќе беа пуштени до крај . Во доказите има сериозни индиции и затоа се доставени до обвинителството. Еден од родителите слушна разговори на обвинетиот Фејзи Азири како разговара со градоначалникот Невзет Бејта  и го моли за субвенции. Ги виде и тие телефони кои наводно биле скриени. Не смеев да ги објавам јавно, но имаше право да ги види родителот. Сите докази се доставени до СЈО, а има и дополнителни докази кои треба да се истражат“, вели Заев на снимката.

Заради промена на судечкиот совет, судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, минатиот месец беше вратено од почеток, но само формално со пренесување на сите досегашни изјави и изведени докази во новиот записник, со што расправата продолжи од каде што претходно застана.

Случајот „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски. За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Вкупно осум години затвор за грабнувачите на Самоил Костадиновски: Го грабнале за да му наплатат за украдена дрога

Орце Костов

Пресудата не може да опстои, лажна исправа не е изработена, вели адвокатот на сопственикот на „Беса Транс“

За несреќата надлежно е бугарското обвинителство, овој предмет е за фалсификување на исправата, вели обвинителот во предметот „Беса Транс“

Кривичен го препрати предметот против Мерко во струшкиот суд: Не биле надлежни тие, туку судот во чие подрачје се извршило делото

Додик го слушна обвинението: Измислица на обвинителството за политички притисок, фактите немаат врска со мене

А1он

Утре почнува судењето на родителите на Коста кој изврши масовно убиство во училиштето „Владислав Рибникар“

А1он