Протестите на земјоделците пред општинските организации на најголемата опозициска партија, потпретседателот на СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев, ги оцени како создавање лажна слика преку камерите и перење мозок, што според него е премногу ниско и дрско од страна на владеачката ВМРО ДПМНЕ.
-Оваа власт 6,5 години владее во Македонија, со тоа СДСМ исто толку време е во дебела опозиција во државата. Да протестирате по 6,5 години пред опозициона партија е навистина далеку од памет. Но, тоа што е сериозно и како такво сакам да го кажам законот не беше поддржан од страна на СДСМ поради трите наши амандмани кои потекнаа од земјоделците и кои искрено веруваме дека ќе го подобрат аграрот.
Еве, сега во новиот закон што се подготвува се вградени тие амандмани и апсолутно на сите им е јасно кој ја носи одговорноста при гласање на ваков закон. Владеачките партнери не можеле да се договорат при изгласувањето на еден таков закон и сега се лоцира вината кај опозицијата, навистина е премногу ниско и дрско од страна на владеачката ВМРО ДПМНЕ.
Голем дел од пратениците на ВМРО ДПМНЕ не гласаа за законот, оние што го опструираа жално е да ви пуштат земјоделци кои денеска живеат со исклучена струја, немаат пари да ги пуштат децата на училиште, да им купат ужина и голем дел од нив вработени во државната администрација, доаѓаат на еден дрзок начин да протестираат пред опозициона партија, но народот не е слеп и ќе им го кажа својот збор на наредните избори, рече Заев кој денеска присуствуваше на второтa годишнa средба на млади фармери што се одржа во селото Габрово, Струмичко.
Сузана тасева