Заев побара одговорност за непотизмот, кадровски смени по изборите

Од:

Премиерот Зоран Заев вчера побара политичка и професионална одговорност од функционерите по укажувањата од Антикорупциската комисија за влијание на непотизам при одредени вработувања, а истовремено повика на итно повлекување од работните места на лицата кои биле вработени на тој начин.

Со сличен став излегоа и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Според Заев, Антикорупциската комисија покажала дека е систем и оти конечно имаме систем што функционира без оглед дали тоа им се допаѓа на политичарите или не.

– Во Антокорупциска има конкретни коментари каде нема непотизам, а имаме и конкретни коментари каде имало влијание за непотизам. Оттука барам повлекување и директно, како претседател на Владата, давам наредба до владините институции на лицата кои се вработени на тој начин веднаш да им се прекинат работните односи и да се повлечат назад. Барам професионална и политичка одговорност од сите нив, рече Заев.

Премиерот нагласи дека до 5 мај не може да разрешува министри затоа што има законска забрана.

Шекеринска, од своја страна, истакна дека ја примиле пораката од граѓаните, и оти ќе има кадровски поместувања веднаш по изборите.

– Првата екипа ќе биде одлучувана и од страна на премиерот, но не сметам дека кадровските поместувања ќе се ограничат исклучиво на владиниот состав, туку на она што се вика извршна власт и на она што се вика неисполнување на еден дел од очекувањата на граѓаните, рече вчера Шекеринска.

Фокусот, како што рече, навистина ни беше на големите државни прашања и на тие покажавме резултат, што значи Владата покажа дека таму каде што точно знаеме што сакаме и каде го даваме максимумот резултати има.

– Тоа не е така во сите сектори и токму поради тоа веднаш по изборите овие кадровски поместувања ќе покажат дека кога постои слобода и кога и медиумите и граѓаните не чувствуваат страв за да го кажат своето мислење, тогаш владите функционираат подобро, а државата оди напред, рече таа.

Шекеринска потсети како порано изгледале поранешните ДКСК, а како изгледа сега.

– Тогаш Државните комисии за спречување корупција беа само инструмент за да се нападне опозицијата, сега притисокот секогаш прво е на власта. И тоа покажува дека нашата држава не бара преговори и не очекува преговори по почетокот на скринигот затоа што мислиме дека некој ќе не почести, туку затоа што ние за разлика од многу други земји во регионот тоа го заслуживме, рече Шекеринска.

Шилегов, пак, ги повика граѓаните да не ја казнуваат државата, ако сметаат дека СДСМ треба да биде казнет.

– Откако ќе го избереме претседателот, внатрешно е потоа прашањето на нашата политичка партија за утврдување индивидуална одговорност за носители на функции, рече Шилегов.

Тој изрази надеж и уверување дека изборите во мај ќе бидат фер и демократски како што беа во првиот круг. – Откако ќе го избереме претседателот, внатрешно е потоа прашањето на нашата политичка партија за утврдување индивидуална одговорност за носители на функции, рече Шилегов.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во девет, од разгледуваните 18 случаи, утврди дека имало влијание при вработување на роднини на функционери. Во сите од овие случаи имало измени во актите за вработување или пак во критериумите во огласите за тие да одговораат на кандидатот кој требало да се вработи, кој бил во роднинска врска со функционер.

Помеѓу случаите каде бил утврден непотизам вклучени се роднини на министрите за економија,Крешник Бектеши и за култура, Асаф Адеми. Потоа на пратениците на СДСМ, Александар Кирацовски, Костадин Костадинов и Мира Стојчевска. Случај на непотизам бил откриен и кај градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

Кирацовски вчера на својот Фејсбук профил напиша дека „граѓаните реагираат, а независните институции постапуваат согласно нивните надлежности“.

– Побарав повлекувањe на моите роднини од работните места за кои ДКСК наоѓа некакви индиции, иако немам право на тоа, затоа што никако не сум влијаел за нивните вработувања. Од работното место, кое нема никаква поврзаност со непотизам, се повлекуваат и мојата сестра, Мирјана Јосифовска и мајката на мојата сопруга. По нивна волја, како нивна лична одлука. Привилегии, партизација и непотизам не се вредности на СДСМ, не се ниту ќе бидат мои вредности. Очекувам Државната комисија за спречување на корупцијата да поведе постапка и за бројните партиски вработувања на ВМРО-ДПМНЕ и непотизмот кој што го раширија до невидени размери, напиша Кирацовски на Фејсбук.

Би можело да ве интересира

Левица: Непотизмот и кронизмот беснеат – ДКСК остануваат неми

ВМРО-ДПМНЕ: Лицемерие е кога партијата на Заев кој зборуваше за еден народ во две држави и Пендаровски кој праќаше поздрави на “љубави”, да глуми загриженост

СДСМ: Докажете или престанете да лажете за Филипче

Предраг Петровиќ

Заев и Ципрас загрижени за порастот на националистичкиот популизам, ќе работат на зачувување на Преспанскиот договор

A1on

Николовски за внукот кој работи во М-НАВ: Се работи за највисоко стручен кадар, треба да се бориме таквите да ги задржиме дома

Александар Тодески

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески