Заев – Пенс: Преспанскиот договор го обезбедува заслуженото место во евроатлантските структури

Од:

Пораки на охрабрување за Преспанскиот договор доби денеска премиерот Зоран Заев од потпретседателот на САД Мајк Пенс на средбата во Вашингтон.

По состанокот, Пенс на „твитер“ напиша дека Вашингтон дава силна поддршка на, како што нагласува, историскиот Договор со Грција.

– Спроведувањето на овој Договор ќе обезбеди поголема сигурност во регионот, наведува Пенс.

Премиерот Заев, пак, на својата фејсбук страница, пренесува дека Пенс ги поздравил одговорноста и одлучноста при постигнувањето на Договорот.

– Можноста да разговараме со потпретседателот на САД Мајк Пенс доаѓа во клучен историски момент за Република Македонија. Од потпретседателот Пенс добивме пораки на охрабрување за одговорноста и одлучноста при постигнувањето на договорот од Преспа. На средбата беше истакнато дека со Договорот го обезбедуваме заслуженото место во евроатлантските структури. Со тоа го осигуруваме мирот, стабилноста и просперитетот за нашите граѓани, напиша Заев.

Прес-службата на Владата на РМ вечерва соопшти дека Пенс на средбата со Заев пренесе пораки и од претседателот на САД Трамп за поддршката на Вашингтон за покажаната храброст и лидерство за спроведување на неопходните реформи во земјата и за постигнатиот Договор со Грција што го отворија патот за членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ.

– Потпретседателот Пенс нагласи дека Белата куќа ја охрабрува и ја споделува визијата на Република Македонија да биде демократска, просперитетна земја членка на НАТО и ЕУ, информираат од Владата.

Во текот на разговорот, премиерот Заев рече дека Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО и дека граѓаните препознаваат дека од нивната одлука на референдумот поканата за НАТО што ја добивме во Брисел ќе се преточи во протокол за пристапување и процес за ратификација на нашето пристапување во јануари 2019 година.

Според него, столчето во НАТО кое значи рамноправно учество во работата на Советот на алијансата и безбедност и стабилност уште на почетокот на идната година го прифаќаме заедно со одговорноста одбранбените стандарди да ги усогласуваме со оние на НАТО.

– Охрабрени и инспирирани од средбата со потпретседателот Пенс, остануваме во тесна соработка со САД во исполнувањето на нашата стратешка цел, да ги консолидираме евроатлантските структури за мир, стабилност и просперитет на сите нации кои се дел од истото семејство, рече премиерот на средбата.

Според владината прес-служба, станало збор и за можноста заеднички да биде прославен приемот на Македонија во НАТО наредната година.

Средбата во Вашингтон се реализира на покана на потпретседателот Пенс, а следува по посетите на американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис и на помошникот државен секретар Вес Мичел на Македонија и искажаната поддршка за претстојниот референдум и интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: САД градат пристаниште за достава на помош во Газа

Катерина Ѓуровски

Блинкен: Се надеваме дека повеќе Американци ќе студираат во Кина

Студентски бунт во Америка, 100 академици уапсени во Колумбија

САД испраќа огромен пакет воена помош за Украина

Америка го ограничи движењето на својот дипломатски персонал во Израел

Стејт департментот потврди дека ќе стави вето на приемот на Палестина во ОН во Советот за безбедност

Горан Наумовски